Фото: Shutterstock.com

Нешто што беше познато за доста голем број на луѓе, сега е и официјално објавено од страна на Alphabet, односно од Google. Од компанијата имаат отстранувано видеа, а и цели канали на YouTube под притисок на американската администрација во времето на претседателот Џо Бајден. 

Видеата и каналите кои биле отстранети објавувале видеа поврзани со COVID-19, но и со избори и поврзани теми. Од компанијата дури истакнуваат дека видеата биле отстранети без тие да ги прекршат правилата на YouTube, што значи само поради барањата од „Белата Куќа“. 

Оваа информација доаѓа како резултат на повеќегодишно истражување од страна на комисија специјално формирана за оваа цел во Претставничкиот Дом на САД. 

Изјава до комисијата во име на Alphabet е испратена од страна на адвокатска компанија до претседателот на комисијата, Џим Џордан. 

Во изјавата од компанијата истакнуваат дека тие немаат користено и нема да користат „проверувачи на факти“ од трети страни, а и очекувано стојат и големи тврдења за нивната посветеност на слободата на говор, различни теми на YouTube, како и важноста на конзервативните креатори. 

Од Alphabet истакнуваат дека високи официјални лица од администрацијата на Бајден, вклучувајќи и лица од Белата Куќа, редовно ги контактирале и притискале за одредена содржина од корисниците поврзана со COVID-19 која ги нема прекршено нивните правила. Тие продолжуваат со изјавата дека администрацијата, заедно со претседателот Бајден, креирале политичка атмосфера која имала за цел да влијае на активностите на платформите врз основа на нивните грижи за лажни информации. 

Ова е неприфатливо и погрешно кога било која власт, вклучувајќи ја и администрацијата на Бајден, се обидува да влијае на тоа како една компанијата ја модерира својата содржина. 

Како резултат на ова, од Alphabet најавија дека ќе ги одблокираат каналите кои беа тргнати и забранети во тој период, па креаторите ќе можат повторно да објавуваат видеа. 

Колку од нив планираат навистина да се вратат на YouTube, ќе видиме, а се работи за илјадници канали, од кои и на познати личности кои објавувале информации кои сега се сметаат како точни. 

Претходна статијаSony денеска го одржува нивниот „State of Play“ стриминг настан
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.