european-commission

Европската Комисија од вчера официјално покрена обвиненија против Google за монополско однесување и фаворизирање на нивните сервиси, апликации и оперативен систем.

Се работи за две посебни истраги кои што се однесуваат на резултати од пребарување и Android оперативниот систем. Обвиненијата Google ќе има шанса да ги побие, односно да поднесе своја аргументација со која што ќе докаже дека тврдењата на Комисијата не се точни. Доколку тоа сепак не биде успешно направено, на компанијата и се заканува потенцијална казна која што може да достигне и до 10% од годишните приходи на компанијата.

Првото обвинение се однесува на резултатите кои што се прикажуваат на Google при пребарување на споредби за производи. Google се обвинети дека во резултатите го фаворизираат својот сервис Google Shopping на сметка на други конкурентни слични сервиси. Со тоа се тврди дека се ограничува конкуренцијата на сметка на сопствените сервиси и производи, а со оглед на процентот на користење на овој пребарувач, одговорноста е на повисоко ниво.

Второто посебно обвинение се однесува на Android оперативниот систем и е поделено во три точки. Европската Комисија ја обвинува компанијата дека ги условува производителите на уреди да ги користат нивните апликации и истите да бидат пред инсталирани на нивните уреди, го ограничува менувањето на оперативниот систем кој што е со отворен код, како и ја ограничува конкуренцијата и развојот на нови апликации преку комбинирање на нивните апликации и сервиси со други нивни апликации.

Google даде одговор на некои од обвиненијата преку блог статија каде што се истакнува дека конкурентните сервиси кои што тие наводно ги дискриминираат во нивните резултатите се сервиси кои што се познати и до денес држат голем дел од пазарот. Исто така, тие истакнуваат дека нивните сервиси им донесуваат на корисниците поголема вредност и можност за добивање на саканите резултати.

Мислењата за издржаноста на обвиненијата се поделени. За некои од нив можеше да се прочита во повеќе случаи, односно познато е дека Google својата заработка ја прави во главно од реклами, па што помасовното користење на нивните сервиси и апликации е нешто што е од голема важност за компанијата. Соодветно на тоа, познато е дека Google гледа нивните сервиси и апликации што почесто да бидат користени, а во договорите со другите компании се поставуваат услови за истото.

Од друга страна според одредени луѓе, производите на Google овозможија доста голем избор на корисници и подобри сервиси. Интернетот е подобро место во голем дел благодарение на Google, а достапноста на мобилните телефони кои што работат на Android е огромна.

Аргументите како и секогаш се во поголем број, мешањето на Европската Комисија во работата на компаниите е исто така веќе критикувано, па останува да видиме што ќе се случува овој пат. Точен рок кога разговорите помеѓу Google и Европската Комисија би завршиле нема, а во одлуките се вклучени и доста други компании кои што лобираат за покренувањето на ваква постапка, како и исходот од истата.

Последната ваква поголема истрага која што привлече внимание беше за Microsoft. Оваа компанија беше обвинета за вклучувањето на Internet Explorer со нивниот Windows оперативен систем во време кога тој беше масовно користен.

Извор: PCWorld, Europa, Cnet

Претходна статијаЗемјотресите ќе се откриваат со мобилните телефони
Следна статијаКое е најдоброто време да се направи кафе-пауза?
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.