Враќањето на комерцијалните летови со брзини поголеми од брзината на звукот, нешто што отиде во историјата со „пензионирањето“ на познатиот Concorde, полека се ближи и може да се очекува во наредните неколку години.
Иако има неколку компании кои работат на комерцијални суперсонични авиони, Boom Supersonic е една од тие која изгледа дека сигурно ќе ги врати овие доста побрзи летови.
Нивното тест летало XB-1, кое беше најавено во 2020 година, по повеќе извршени тестови, во текот на вчерашниот ден го изведе својот прв суперсоничен лет. Летот заврши успешно и ја постигна брзината од 1,122 маха, односно нешто над 1.200 километри на час, на висина од околу 10,8 километри.
Тест летот на XB-1 беше направен од страна на главниот тест пилот Тристан „Џепето“ Брандербург за кого се истакнува дека за првпат независно развиен авион ја прекршува звучната бариера.

Летот е направен од Mojave Air & Space Port во Калифорнија, место од каде има полетано и првиот авион кој ја поминува звучната бариера во 1947 година.
„Чекав повеќе од 20 години за враќањето на суперсоничните брзини, а историскиот лет на XB-1 е значајна пресвртница кон остварувањето на моите соништа,“ изјави Мајк Банистер, поранешен главен пилот на Concorde во British Airways. „Кога последен пат го летав Concorde во 2003 година, знаев дека овој ден ќе дојде. Boom е на добар пат да го направи одржливиот суперсоничен лет реалност, со Overture – мојот избор број еден како наследник на Concorde. Честитки до Блејк Шол, целиот тим на Boom, а особено до пилотот Тристан ‘Џепето’ Бранденбург. Бидејќи бев главен пилот на Concorde, му завидувам на неговата улога во ова враќање на суперсоничниот лет во мејнстримот.“
XB-1 е само тест летало чија технологија ќе се користи за развојот на авионот кој се планира да се користи за превоз на патници. Авионот е наречен Overture и се очекува дека ќе почне да лета за неколку години, односно од 2029 година, а од компанијата истакнуваат дека веќе имаат нарачки од неколку авиокомпании. Авионот ќе може да превезува околу 64-80 патници и ќе лета со брзина од 1,7 маха.
За Overture досега се направени 130 нарачки од страна на American Airlines, United Airlines и Japan Airlines. Авионот ќе се произведува во посебно развиената фрабрика од компанијата наречена Overture Superfactory во Гринсборо, Северна Каролина.
Моторите Symphony кои ќе бидат дел од Overture исто така се развиени од страна на Boom Supersonic.
Снимката од тест летот можете да ја погледнете во продолжение.