Кај Windows лаптопите, веќе видовме десетици различни начини на донесување на таблет модот во самиот компјутер, а најчесто тоа е со екран кој може да се сврти 360 степени и да се користи само со екранот на допир. Asus Chromebook Flip е првиот таков „2 во 1“ лаптоп со оперативниот систем на Google.
Новиот лаптоп на Asus со екран на допир, особено добива на тежина ако се знае дека Chromebook сега може да користи и Android апликации, кои се оптимизирани за екрани на допир. Исто така, големината на дисплејот од само 10,1 инчи е иста како кај повеќето таблети со Android оперативниот систем, но со резолуција од 1280х800 пиксели.
Предноста на Asus Flip е тоа што може да се користи и како лаптоп и како таблет компјутер, благодарение на „шарките“ кои дозволуваат целосно свртување на екранот кон задниот дел. Во внатрешноста, вграден е процесор на кинескиот производител Rockchip со четири ARM Cortex-A17 јадра со брзина од 2 GHz, кој барем на бенчмарковите, се покажува како подобар од Atom серијата на Intel од претходната генерација.
Чипот е помогнат од 4 GB рам меморија, додека за зачувување податоци задолжен е SSD диск од 16 GB. Да потсетиме, за складирање податоци, Chromebook оперативниот систем го користи Google Drive, па затоа и нема потреба од вградување големи дискови во лаптопот. Сепак, тоа значи дека компјутерот мора да биде поврзан на интернет за да се има пристап до тие податоци.
Однадвор, лаптопот е опремен со две USB 2.0 порти, за разлика од Windows конкуренцијата која веќе вградува USB 3.0, HDMI порта, како и читач на картички. Лаптопот е изработен од алуминиум и делува многу полуксузно и поквалитетно од повеќето од своите конкуренти во ниската класа, а нуди и одличен век на траење на батеријата со едно полнење од 10 часа. Цената на „2 во 1“ лаптопот на Asus со Chromebook оперативен систем изнесува 249 долари, што е во рамките на сегментот на Windows лаптопи со слични перформанси.
Покрај Flip, Asus претстави и 11,6 инчен лаптоп со резолуција од 1366х768 пиксели, со истите спецификации како „2 во 1“ моделот но со 2 GB рам меморија (достапен е и модел со 4 GB), но без екран на допир. Вака опремен, моделот C201 чини 169 долари.
Google претстави и два лаптопи од кинеските производители Haier и Hisense, кои го користат истиот процесор, но имаат дупло помалку рам меморија, поголем екран од 11,6 инчи без допир и пластична изработка. Нивната цена изнесува 149 долари, што е прилично евтино за еден лаптоп.
Извор: Trusted Reviews, TechRadar