Themis_007_Red-1024x576 copy

Пред нецела година, Microsoft го претстави Surface Pro 3, таблет кој со помош на тастатурата можеше да замени и лаптоп, а благодарение на процесорите од “i” серијата на Intel, кои овозможуваат вистински десктоп перформанси. Сепак, почетната цена од 799 долари е преголема за многу купувачи, па затоа, Microsoft сега го претстави Surface 3, поевтин таблет со подеднаков дизајн, малку помал екран и Intel Atom процесор.

Овој модел е директен наследник на Surface 2, таблетот кој помина скоро мизерно на пазарот, бидејќи се нудеше со ARM процесор и поради тоа не можеше да „вози“ стандардни Windows програми, како на пример Photoshop и сл. односно можеше да ги користи само модерните апликации оптимизирани за екрани на допир.

Surface 3 од друга страна доаѓа со целосно новиот Intel Atom X7 чип, на кој може да се користат сите програми. Овој процесор беше неодамна претставен и ветува многу високи перформанси, особено споредено со ARM конкуренцијата, но секако не на нивото на “Intel Core i” серијата. Процесорот има четири јадра со брзина од 1.6 GHz, односно со Turbo Boost до 2.4 GHz и 2 MB cache меморија, а троши максимум 6 W енергија, што го прави многу економичен. Microsoft ветува 10 часа траење на батеријата, што е одличен резултат. Исто така, поради малата потрошувачка, нема потреба од ладење на овој процесор, што значи дека таблетот е целосно бесшумен.

Astera_Fan_4-1024x575 (1) copy

Ќе бидат понудени неколку верзии на Surface 3, со SSD дискови од 64 и 128 GB, рам меморија од 2 GB и 4 GB (што е веројатно минимумот за сите што сакаат нормална работа со Windows), односно Wi-Fi и LTE верзија која ќе има можност за користење на SIM картички за интернет, што е реткост во светот на лаптопите. Рековме лаптоп? Да, како и помоќниот и поскап брат, Surface Pro 3, и овој модел како опција може да се надогради со дополнителна тастатура, која има позадинско осветлување, а исто така и се користи како футрола за заштита на таблетот од гребење. Тастатурата ќе се понуди во пет бои, што ги зголемува можностите за персонализација, а чини 130 долари, што секако не е малку. Со нејзе не се добива ниту пенкалцето кое е одлично за пишување и цртање, поради можноста за препознавање на притисок, а чини дополнителни 50 долари.

Дизајнот однадвор е ист како на претходниците од Surface серијата, со високо квалитетна магнезиумска изработка и посебен држач за потпирање. За разлика од Pro моделот (заедно на фотографијата подолу), овој држач може да се намести само во 3 нивоа, но од Microsoft ветуваат дека тоа е доволно за солидно лаптоп искуство. Екранот има дијагонала од 10,8 инчи и резолуција од 1920х1280 пиксели, што значи дека има 3:2 сооднос и е поупотреблив за сурфање, односно користење на програми за преработка на слики и пишување документи, како и за користење во портрет ориентација.

Family_v4_Hero_01-1024x575 copy

За разлика од таблет конкуренцијата, а особено iPad Air, на кого му конкурира директно со стартната цена од 499 долари за основниот модел, Surface 3 доаѓа со целосен Windows 8.1 оперативен систем, кој може да се користи и за посериозна работа, а нуди и USB порта за поврзување, како и читач за micro SD картички. Ова го прави исклучително погоден за студентите, на кои им треба мал, преносен уред со солидни перформанси и можност за подолго работење на батерија, но и на сите кои сакаат одлично изработен таблет со метално куќиште, кој со доплата од 130 долари може да се претвори во целосно корисен Windows лаптоп.

Surface 3 ќе почне веднаш да се продава во САД, но со оглед на тоа колку чекавме да го видиме Surface Pro 3 на нашиот пазар, се чини дека ќе поминат неколку месеци пред да го видиме и поевтиниот таблет на Microsoft, иако се чини дека може да биде хит меѓу помладата генерација.

Извор: The Verge, PC World, Surface Blog, Windows Central

Претходна статијаAsus Flip е првиот Chromebook кој се претвора во таблет
Следна статијаЗошто на новинарите им е неопходна (подобра) енкрипција