Вчерашниот iPhone 17 настан донесе и три нови паметни часовници, односно три нови верзии од познатите модели од Apple. Надградбите на овие часовници не се драстични, но имаат доволно за да ги мотивираат корисниците со неколку години постари уреди, да го купат најновото од компанијата.
Претставени беа три нови модели, односно Apple Watch Ultra 3, кој оваа година не добива само различна боја, потоа следи Apple Watch Series 11, како и Apple Watch SE 3.
Apple Watch Ultra 3 оваа година добива надградба, за разлика од претходната која донесе само нова боја. Тројката ги задржува двете бои, па корисниците можат да изберат помеѓу посветлата и темната варијанта.
Главната новина кај овој часовник е намалувањето на рамките околу екранот, со што се добива поголем екран со истата големина на целиот уред. Ова е одлична новина затоа што претходниот модел имаше некако доста дебела рамка.
Екранот кај Ultra 3 доаѓа и со новата LPTO3 верзија од технологијата, со што корисниците добиваат стапка на освежување која паѓа до 1 херц.
Кај тројката се истакнува и подолгото траење на батеријата, па од компанијата сега најавуваат до 42 часа на активно користење, нешто што може да биде продолжено до 72 часа доколку се вклучи режимот за заштеда на енергија.

Apple Watch Series 11 не добива некоја посебно новина, па во главно се истакнуваат новото стакло кое е повеќе издржливо, како и можност за издржување на батеријата до 24 часа, наместо 18. Ова можеби звучи како малку, но ќе направи доста голема разлика за корисниците.
Тука доаѓаме до главната новина која е дел од двата часовници, а тоа е можноста за откривање на хипертензија, односно висок крвен притисок. Секако, часовниците сѐ уште не ја добиваат можност за мерење на притисокот, па Apple Watch во основа преку сензорите ќе може да претпостави дали корисникот подолго време можеби има повисок притисок.

Доколку се добие известувањето, се препорачува притисокот да се провери поточно со мерач за притисок или преку преглед на доктор.
Двата часовници добиваат и новина поврзана со следењето на спиењето, па сега корисниците ќе добиваат и оценка на квалитетот на спиењето. Оценката ќе се добива врз основа на неколку фактори, како што се должината на спиењето, конзистентноста на времето на легнување, колку често корисникот се буди и колку време е поминато во секоја од фазите на спиење.

Добра надградба добива и Apple Watch SE 3, кој сѐ уште доаѓа со подебели рамки околу екранот, но тој сега барем има Always-On способност. Ова може да се каже дека е доста клучна способност за еден часовник, секако.
Овој часовник добива дел од претходно претставените функции, како што е можноста за откривање на можна апнеја при спиење, оценки за спиењето, мерење на температурата на раката и повеќе.