Фото: Shutterstock.com

Преку објава на X, познатиот Минг-Чи Куо најави дека Apple планира да претстави поевтин MacBook, односно MacBook кој ќе биде поевтин од MacBook Air.

За да го постигнат ова, од компанијата планираат да користат чип од iPhone, наместо како досега чип од М серијата специјално развиена за лаптоп компјутерите и која донесе огромен успех за Apple. 

Чипот којшто Куо го најавува дека ќе се користи е тој од iPhone 16 Pro серијата, односно A18 Pro. Очекувано корисниците би добиле послаби перформанси во споредба со М серијата на чипови, а посебно поновите, но затоа цената на лаптопот би била пониска, а со тоа би требало да се привлече дополнително внимание од страна на корисниците. 

Доколку се направи споредба, A18 Pro чипот не е толку послаб со перформансите од М1 чипот којшто сѐ уште се користи од страна на голем број на корисници. За најобичните активности, како разгледување на веб страни, гледање на видеа и слично, овој чип дефинитивно не би бил некаков проблем. 

Се што останува за ваквиот MacBook да биде навистина привлечен е ставање на добра цена, а знаејќи ги Apple, таа сигурно нема да биде многу пониска од моментално најниската за MacBook Air од 999 долари во САД. 

Според Куо, претставувањето на овој MacBook може да се очекува до крајот на годината или на почетокот од идната. 

Лаптопот се најавува дека би бил со 13 инчен екран и би дошол со избор од повеќе бои, нешто што би било очекувано во понуда наменета за корисници кои бараат пониска цена, а тука се и образовните институции.

ИЗВОР9to5Mac
ИЗВОР 2Минг-Чи Куо
Претходна статијаSamsung ја претстави новата хотелска ТВ серија HU8000F на HITEC 2025
Следна статијаWindows 11 е 2,3 пати побрз од Windows 10 тврдат од Microsoft
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.