
Apple се познати по својот построг и затворен начин на функционирање, па затоа и воопшто не изненадува фактот што дел од нивните сервиси не се достапни во целиот свет.
Затвореноста на системот прави да не можат да бидат достапни алтернативни решенија, како што е случајот со Android, а поради тоа на овој систем можноста за плаќање преку телефонот е достапна одамна. Нашата земја дури доби и официјална поддршка за Google Walet во 2023 година, иако банките го користеа Google Pay системот и претходно.
Според информации кои ги објавија од порталот Банкарство (и ecommerce.mk), Apple Pay конечно доаѓа во Македонија и тоа може да се очекува да се случи оваа есен.
Apple наводно веќе ги има споделено насоките и техничките упатства до домашните банки, а за достапност на услугата се чека на потврда за техничката подготвеност.
„Со Apple веќе работиме на завршна техничка интеграција. Очекуваме во текот на следните недели да ја финализираме подготовката и да понудиме целосна поддршка за Apple Pay на домашниот пазар“, изјави претставник на една од банките кои активно работат на имплементација за порталот Банкарство.
Apple Pay е систем за плаќање преку iPhone, Apple Watch, Mac компјутер и слично, со можноста за додавање на платежната картичка од корисникот во системот.
Со оваа можност, корисниците ќе можат да плаќаат онлајн секаде каде што е достапно копчето за плаќање со Apple Pay, а уште поважно, ќе може да се плаќа на продажните места во земјата преку iPhone или Apple Watch, како што тоа сега го прават Android корисниците.
Се надевам дека информацијата е точна и дека конечно ќе ја добиеме оваа услуга од Apple.
Инаку, една од причините поради кои Apple Pay не е достапен во целиот свет, покрај стилот на функционирање на компанијата, е поголемата безбедност и заштита на системот.