Првично неофицијално најавувани за крајот на март или почетокот од април, сепак на крајот „префрлени“ за мај, новите iPad верзии сега и официјално ќе ги видиме идниот месец.
Apple секако не кажа за што точно се работи, но закажа настан за 7 мај кој го носи името „Lest Loose“. Настанот ќе започне нешто порано од обично, па ќе може да се следи со почеток од 18:00 часот по македонско време.
Дека настанот е поврзан со iPad може да се види и од сликата од настанот, а истата е од пенкало, една од новините која неофицијално се најавува со месеци веќе.
Тоа што сепак ќе го преземе главното внимание е првиот iPad кој ќе дојде со OLED екран, конечно. Тоа ќе бидат двата iPad Pro модели, кои оваа година може да се каже дека навистина ќе го заслужат името, а посебно и поради М3 чипот на кого треба да работат.
Покрај овие две нови OLED верзии од iPad Pro, се очекува Apple да претстави и две нови верзии од iPad Air, од кои едната ќе биде целосно нова, односно за првпат треба да има 12,9 инчен iPad Air.
Покрај новите iPad верзии, како што кажавме на почетокот, се очекува и нова верзија од Apple Pencil, како и нова верзија од Apple Magic Keyboard.