Фото: Apple

Денес се одржа првиот ден од WWDC конференцијата од Apple, кога и се одржува главната презентација која нас нѐ интересира. Како и секоја година, на првиот ден се презентираат наредните верзии од оперативните системи од Apple, а оваа година имаше доста гласини кои ни ги открија скоро сите новини. 

Како што беше неофицијално најавено, Apple го менува начинот на којшто ги означува верзиите од оперативните системи, па сега сите ќе ја носат бројката од годината, поточно наредната година од кога се претставени. 

Соодветно, денес беа презентирани iOS 26, iPadOS 26, macOS 26, watchOS 26, tvOS 26, како и visionOS 26. 

Главната новина кај сите овие системи е поголемиот редизајн за кого толку многу читавме изминатите месеци, а тој официјално е наречен „Liquid Glass“. Името веднаш ги потврдува гласините, па главниот акцент кај овој редизајн е ставен на „стаклените“ елементи, односно нивната проѕирност. 

Од компанијата уште на почетокот потврдија дека стилот доаѓа од visionOS, но секако прилагоден и надграден за оваа година и останатите системи. 

Liquid Glass како дизајн се обидува да го имитира стаклото, па покрај проѕирноста, елементите на корисничкиот интерфејс го менуваат отсјајот кој е додаден како ефект, зависно од тоа што се наоѓа во позадина, како и од движењето на уредот. 

Промени со ваквите ефекти можат да се забележат кај копчињата, „преклопниците и слајдерите“, текстот, контролите кај видео и аудио содржината, како и лентите за навигација и прилагодувања и слично. 

Liquid Glass донесува нови ефекти и кај заклучениот екран кај iPhone и iPad, контролниот центар, долната и горната лента кај Mac, кај виџетите и повеќе. 

Кај сите оперативни системи сега може да се избере и нова тема која наместо боја кај иконите и лентите, додава едноставна проѕирност, со што се добива целосно унифициран дизајн. 

Посебно до израз доаѓа новиот дизајн кај долните ленти на iPhone, кои според Apple биле дизајнирани во време кога и самите уреди имале различен формат. Сега истите се издвоени од долната страна на екранот, па „лебдат“ и се прилагодуваат на движењата. Кога корисникот „скрола“ надоле, новата лента се намалува и овозможува повеќе простор за гледање на содржината, а кога корисникот ќе почне да „скрола“ нагоре, големината се враќа повторно на оригиналната. 

Целата презентација на Liquid Glass заедно со сите промени, можете да ја погледнете во продолжение. 

ИЗВОРApple
Претходна статијаКако да го направите телефонот на вашето дете безбеден: Водич за родители
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.