Apple

Неофицијалните најави оваа недела очекувано се покажаа како точни, па Apple официјално го претстави својот поевтин iPhone модел, поточно втората генерација на iPhone SE.

Новиот iPhone SE Apple го промовира како најдостапниот iPhone со A13 Bionic, најбрзиот чип во смартфон и најдобрата една камера кај еден iPhone. Од ова се гледа дека стариот дизајн ќе се „правда“ преку одличните останати карактеристики, заедно со ниската цена од 400 долари.

Дизајнот на новиот iPhone SE го нарекуваме стар, поради тоа што е истиот којшто се користеше до iPhone 8, односно пред iPhone X. Овој дизајн иако го нарекуваме стар, секако не е целосна критика. Овие телефони изгледаа одлично, па според доста корисници изгледаат и подобро од новите.

Фактот што се користи дизајнот од iPhone 8 значи дека тука се одредени карактеристики кои веќе ги нема, како што се поголемите рамки околу екранот, како и Touch ID сензорот за отпечатоци. Поради тоа што Apple уште не се одлучи да воведе сензор за отпечатоци под екранот кај новите модели, оваа карактеристика може да биде голема предност за одредени корисници кои не сакаат да го користат Face ID системот.

Екранот е со големина од 4,7 инчи, а од Apple го нарекуваат Retina HD, но секако тој нема голема резолуција како новите модели, а со помалиот екран и не му ни треба. Во време кога повеќето корисници користат телефони со големина од над 6 инчи, ова може да се види како доста мал уред, но за голем дел од корисниците ова е доволно.

Apple

Сепак, за 400 долари се добива влез во екосистемот на Apple и сите нивни апликации, без потреба да се плати огромната цена која е карактеристична за главните модели.

Dolby Vision и HDR10 поддршката кај екранот значи дека корисниците може да очекуваат одлична слика при гледање на видео содржина преку стриминг сервисите кои кај новите содржини се почесто користат HDR.

Една од главните предности на iPhone SE е што тој работи на најновиот чип кој Apple моментално го користи кај iPhone 11 модели, а тоа е A13 Bionic. Овој процесор ќе овозможи одлични перформанси при користењето на телефонот, но исто така ќе придонесе многу за правењето на одлични слики кои во денешно време зависат од софтверот и процесорот, колку што зависат и од самиот сензор.

Камерата кај iPhone SE е една на задната страна, нешто што ретко се гледа во 2020, но од Apple ја промовираат како најдобрата една камера кај еден iPhone. Истата е со 12 мегапиксели и f/1,8 бленда што значи дека може да се очекуваат одлични слики во темни услови.

iPhone SE доаѓа и со поддршка за безжично и брзо полнење на батеријата, а тука се и поддршката за Wi-Fi 6 и 4G. Ќе се продава во црна, бела и (PRODUCT)RED бои и официјалната цена ќе му биде 399 долари.

ИЗВОРApple
Претходна статијаКако можеш да бидеш дел од првиот Online Startup Weekend Skopje?
Следна статијаВиртуелни сервери: Како да ги поставите темелите за работа од дома
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.