Apple официјално го претстави нивниот доста потенок iPhone, наречен iPhone Air. Со тоа се става крај на шпекулациите и чекањето, па како и обично, повеќето информации се покажаа како точни.
За почеток, телефонот нема да ја носи бројката 17 во името како што некои веруваа, па тие што го нарекуваа едноставно iPhone Air испаднаа во право.
Ќе мора да се почека додека телефонот може да се види во живо, но тоа што можеше да се види од презентацијата, iPhone Air изгледа одлично, а е и навистина тенок.
Дебелината на уредот изнесува 5,6 милиметри, секако без да се земе во предвид модулот за камерата. Со тоа се добива најтенкиот iPhone досега, кој е и доста лесен со 165 грама тежина.

iPhone Air е изработен од новата генерација на заштитното стакло од Apple, Ceramic Shield 2, кое сега е поставено и на задната страна за уште подобра заштита на целиот уред.
На страните рамката е направена од титаниум, а од Apple овој материјал го истакнаа како клучен за издржливоста на еден вака тенок телефон, за кого во исто време кажаа дека е и најиздржливиот досега.
Клучната информација која ја чекавме е батеријата, а како што се очекуваше Apple не се одлучи за новата силициумска технологија, па во главно говореа за штедливоста на новиот чип, новата Adaptive Power функција кај iOS 26, како и останатите чипови.
Според компанијата, iPhone Air и покрај малата дебелина ќе може да издржи цел ден, па со нетрпение чекаме да излезат првите тестови од познатите „јутјубери“.
Инаку, iPhone Air доаѓа со 6,5 инчен екран кој е Super Retina XDR екран со резолуција од 2736 на 1260 пиксели и нивна густина од 460 ppi. Тоа што е добро е што екранот е Pro Motion, односно има стапка на освежување од 1 до 120 херци, а со тоа доаѓа и поддршката за Always-On екран.

Ново кај iPhone оваа година е и нов слој за намалување на отсјајот, кој доаѓа кај Air и Pro моделите, па ќе видиме дали ефектот ќе биде добар како кај Samsung телефоните.
iPhone Air работи на новиот A19 Pro чип кој доаѓа со 6 јадрен процесор, 5 јадрен графички процесор, како и 16 јадрен „неврален“ процесор. Од Apple истакнуваат дека подобрувањата на перформансите се одлични, заедно со доста подобра ефикасност.
Со iPhone Air Apple го претстави и нивниот прв „безжичен“ чип, N1, кој донесува Wi-Fi 7, Bluetooth 6, како и поддршка за Thread протоколот.
C1 модемот кој беше претставен оваа година, сега доаѓа во форма на C1X кој е два пати побрз, а овозможува и 30% помала потрошувачка на енергија.
Како што се очекуваше, iPhone Air доаѓа со една камера на задната страна, но од презентацијата на Apple можеше да се добие впечаток дека корисниците нема многу тоа да го забележат.
Камерата е со сензор од 48 мегапиксели, но истата е Fusion камера како кај Pro моделите и од компанијата тврдат дека корисниците ќе можат да ја користат како да имаат четири леќи.
Посебно се истакнува новата предна камера со 18 мегапиксели која сега се нарекува Center Stage камера. Истата доаѓа со сензор во форма на квадрат што значи дека корисниците нема да мораат да го вртат телефонот ако сакаат да сликаат во пејзаж формат. Камерата сама ќе се прилагоди ако има повеќе луѓе во кадарот, а ако треба и ќе ја сврти ориентацијата.
Овој телефон го менува досегашниот iPhone Plus модел, а може да се каже дека донесува доста повеќе вредност од него, по цена од 999 долари во САД.