Фото: Apple

Покрај новиот iPhone Air, Apple на денешниот настан посебно внимание привлече и со новите iPhone 17 Pro и iPhone 17 Pro Max. Како што се очекуваше, овие телефони доаѓаат со промена во дизајнот после пет години на минимални промени, па заедно со сите новини, оваа серија дефинитивно ќе ги привлече фановите да го купат најновото од компанијата. 

Новиот дизајн вклучува нов модул за камерите, односно „плато“ како што го нарекуваат сега од Apple, кој е поставен на целата ширина од задната страна на уредот. Со ова се добива и задна страна која не е во иста нијанса, па дефинитивно може да се каже дека iPhone 17 Pro не изгледа исто како претходните модели, иако разликата сепак не е драстична. 

Како дел од новиот дизајн може да се земе и промената на материјалот од кој е изработен iPhone 17 Pro. Телефонот повторно се враќа на алуминиум, но овој пат скоро целосно изработен како таканаречено „унитело“. 

Само централниот дел е изработен од Ceramic Shield 2 стаклото кое е и на предната страна, а овозможува дупло поголема издржливост на екранот, како и три пати поголема издржливост на целиот уред. 

Враќањето на алуминиум, како што претпоставувавме, е поврзано со новиот систем за ладење кој е дел од iPhone 17 Pro серијата. Apple конечно започнува со користење на комора за испарување која заедно со алуминиумот овозможува доста подобро ладење од претходните модели. 

Со ова многу повеќе може да дојде до израз моќта која ја имаат чиповите на Apple, како и доста подобра ефикасност која донесува подобро траење на батеријата. 

iPhone 17 Pro серијата работи на новиот A19 Pro чип за кого од компанијата истакнуваат дека донесува до 40% подобри перформанси во споредба со претходните модели. 

Фото: Apple

Како и минатата година, iPhone 17 Pro и iPhone 17 Pro Max доаѓаат со 6,3, односно 6,9 инчни екрани кој овој пат доаѓаат со слој за помал отсјај, како и максимална светлина од 3000 нити. 

Исто како и кај iPhone Air, iPhone 17 Pro серијата доаѓа со новиот N1 чип од Apple, кој е првиот чип од компанијата за Wi-Fi, во овој случај Wi-Fi 7, Bluetooth 6, како и Thread. 

Како што се најавуваше со години, Apple ја намалува зависноста од други компании за чиповите, па сега го дизајнира и чипот за безжична комуникација. 

C1X чипот исто така доаѓа со iPhone 17 Pro серијата, ова е втората верзија од модемот на Apple, а донесува дупло поголема брзина и 30% помала потрошувачка. 

Камерите кај iPhone 17 Pro серијата исто така се дел од листата на поголеми новини. Трите камери сега сите имаат по 48 мегапиксели, а телефонот камерата сега може да овозможи до 8 пати оптичко зумирање. 

Apple истакнува дека телефото камерата има 56% поголем сензор од претходните генерации, а тоа секако донесува доста подобри слики, односно подобри детали, повеќе светлина и помалку шум. 

На предната страна доаѓа новата Center Stage камера со 18 мегапиксели, која покрај стандардните подобрувања кои доаѓаат секоја година, ја донесува одличната можност за сликање во исправена позиција. Телефонот самиот се прилагодува доколку повеќе лица влезат во кадарот, па дури и може да ја „сврти“ сликата во пејзаж формат, без вртење на телефонот. 

Pro моделите сега почнуваат од 256GB простор за податоци, што е одлично, затоа што 128GB веќе станува доста мал простор, без разлика на достапноста на сервиси во „облакот“. 

ИЗВОРApple
Претходна статијаApple го претстави iPhone Air – најтенкиот iPhone досега
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.