На вчерашниот настан главното внимание беше насочено кон новиот iPhone Air, како и конечно редизајнираниот iPhone 17 Pro, но секако беше претставен и основниот iPhone 17 кој сега е „сам“, односно го нема Plus моделот.
Од се што беше претставено, слободно може да се каже дека најмалку промени има кај iPhone 17 кој нема промени кај изгледот, но сепак добива неколку новини кои ќе го направат доста подобар од претходниците.
Главната новина која не сум целосно сигурен дека ќе им направи разлика на корисниците кои обично ги купуваат основните модели е додавањето на ProMotion екран.
Ова значи дека Apple конечно нема телефон кој сѐ уште доаѓа со стапка на освежување од 60 херци, па сега и основниот iPhone 17 добива стапка од 120 херци.
Добро е што ова е истиот екран како кај другите модели, па корисниците не добиваат некоја послаба верзија од ProMotion. Стапката се прилагодува од 1 до 120 херци, што значи дека покрај самото користење на екранот, за корисниците кои не можат да ја забележат разликата, предност ќе биде и подобрата штедливост на овој екран.
Екранот кај iPhone 17 станува и нешто поголем, па исто како и помалиот Pro модел, сега и основниот е со големина од 6,3 инчи.

Една од подобрите новини кои се дел од сите претставени модели е Center Stage предната камера. Истата е со 18 мегапиксели, но со поголем и квадратен сензор со што се добива можност за сликање во пејзаж формат, без потреба од вртење на телефонот.
Камерата автоматски ја проширува сликата зависно од бројот на луѓе кои се сликаат, па кога е потребно и ја прави сликата проширена во пејзаж форматот.
Како и другите модели, така и iPhone 17 доаѓа со почетен простор од 256GB, нешто што е доста важна промена кај телефоните од Apple. Јасно е дека 128GB веќе не се доволни во ова модерно време, па корисниците сега не мораат да доплатат повеќе за овој дел барем.
iPhone 17 работи на новиот A19 чип кој исто како Pro верзијата е изработен во 3nm технологија. Се работи за 6 јадрен процесор кој Apple го споредува со тој од пред две години и донесува 1,5 пати подобри перформанси.
Графичкиот процесор е со 5 јадра и е дури 2 пати побрз од тој од пред две години, па и корисниците на основниот iPhone ќе можат да ги играат најдобрите игри кои им се достапни.
Исто како и досега, основниот iPhone 17 доаѓа со две камери, а тие овој пат и двете се со 48 мегапиксели. Можеби зумирањето не е на исто ниво со Pro моделите, но дефинитивно Apple ги донесува најдобрите камери и кај својот основен модел.
Заштитата на екранот и кај iPhone 17 е со Ceramic Shield 2, што значи дека може да се очекува доста подобра издржливост, иако повеќето корисници сепак ставаат маска.
Исто како и кај другите модели, Apple го користи нивниот N1 чип и кај iPhone 17 за Wi-Fi 7, Bluetooth 6 и Thread.