Apple вчера, заедно со претставувањето на нова верзија од 14 инчниот MacBook Pro, претстави и нова верзија од iPad Pro. Главната новина кај овие два уреди е новиот М5 чип, кој интересно, како главно подобрување ги истакнува перформансите за работа со вештачка интелигенција.
Новиот iPad Pro доаѓа со истиот дизајн, очекувано, а новините доаѓаат внатре, односно во компонентите. Покрај новиот М5 чип, iPad Pro доаѓа и со новиот N1 мрежен чип од Apple, како и C1X модем чипот од компанијата.
Овие два чипа развиени од Apple донесуваат подобри перформанси, односно поголеми брзини на пренос на податоци со помала потрошувачка на енергија, според компанијата.
На ова треба да се додаде и побрзата унифицирана меморија која сега започнува од 12GB, како и два пати побрзиот простор за податоци.

Новиот М5 чип доаѓа со 10 јадрен графички процесор кој донесува 3,5 пати побрза работа со вештачка интелигенција, а тоа се должи во голем дел и поради вградувањето на „неврални забрзувачи“, односно „Neural Accelerator“ во секое од графичките јадра.
Apple стандардно ги истакнува и споредбите со претходните генерации, а посебно со М1 чипот, па главната поента им е дека за корисниците кои работат повеќе со нивниот таблет компјутер, сега е одлично време за надградба.
Стандардно, како и досега, iPad Pro доаѓа во две варијанти, со 11 и 13 инчни екрани, заедно со доста мала дебелина од 5,3 и 5,1 милиметар, заедно со веќе познатиот Tandem OLED екран.