Apple оваа недела го претстави нивниот најтенок iPhone досега за кого можевме да прочитаме доста голем број на шпекулации дека воопшто постои. Телефонот е наречен iPhone Air и доаѓа со дебелина од само 5,6 милиметри, што е за 0,2 помалку од конкурентот од Samsung, Galaxy S25 Edge.
Оваа главна карактеристика на iPhone Air очекувано доаѓа со „хендикеп“, па телефонот има доста помала батерија, има само еден звучник, една камера на задната страна, па во главно корисниците кои ќе го купат ќе го направат тоа само поради малата дебелина.
Според Марк Гурман, iPhone Air ќе биде слична приказна како и MacBook Air, лаптоп кој во својата прва верзија не беше баш добар и повеќе беше пример за правецот во кој Apple ќе оди во иднина. Денес повеќето лаптопи се доста потенки од порано, а најтенкиот MacBook Air е доста моќен и еден од најпродаваните на пазарот.
Истото се очекува и за iPhone Air, па во блиска иднина можеме да очекуваме намалување на дебелината и на другите iPhone модели, а посебно со прилагодување на потребната технологија.
Bloomberg сметаат дека iPhone Air ќе донесе уште една „новина“ на пазарот, а тоа е целосно тргање на SIM картичките и префрлување на eSIM. Во САД овој процес веќе е завршен, барем кога е во прашање iPhone, а со iPhone Air Apple ги донесува уредите само со eSIM поддршка во целиот свет.
Во основа, поради заштеда на простор и малку повеќе батерија, iPhone Air нема да има верзија со физички SIM слот, па промената која дојде во САД со iPhone 14 серијата, со овој телефон доаѓа во целиот свет.
Доколку телефонот се покаже како доволно популарен, од Bloomberg веруваат дека и останатите телефони, како и тие од другите производители ќе почнат да претстауваат телефони кој доаѓаат само со eSIM поддршка.
Ваков беше случајот со приклучокот за слушалки, кој веќе одамна не е дел од телефоните, па корисниците мораат да користат безжични слушалки или да купат USB-C адаптер.