Apple оваа недела за првпат пушти нов вид на надградба за нивните оперативни системи наречена „Rapid Security Response“. Како што може да се заклучи од самото име, се работи за надградби кои имаат за цел да исправат одредени безбедносни грешки и ништо повеќе.
Пуштањето на овие надградби е замислено за побрзо исправање на грешките, односно да не се чека до пуштањето на наредната стандардна надградба од системот која може да биде и по некој месец.
Од Apple ги опишуваат овие надградби како „нов вид на софтверски изданија за iPhone, iPad и Mac. Тие обезбедуваат важни безбедносни подобрувања помеѓу ажурирањата на софтверот – на пример, подобрувања на веб-прелистувачот Safari, на рамката WebKit или други критични системски библиотеки. Тие, исто така, може да се користат за побрзо ублажување на некои безбедносни проблеми, како што се такви кои можеби биле искористени или пријавени дека постојат.
Првата ваква надградба е пуштена за iOS 16.4.1, iPadOS 16.4.1 и за macOS 13.3.1. Со инсталацијата на надградбата нема да се промени бројката на верзијата на системот, па на неа се додава само ознаката (а).
Apple не истакнува какви грешки се исправаат со оваа надградба, па според некои таа може да се смета и како тест на новиот систем, но ќе видиме дали од компанијата ќе дадат дополнотелно објаснување наредните денови.
Корисниците можат да го исклучат инсталирањето на овие надградби, па безбедносните исправки да ги добијат при наредната надградба на системот, доколку така сакаат.
Достапната надградба се инсталира многу побрзо од стандардните, па корисниците нема да треба да бидат без нивните уреди повеќе од минута до две.