Неофицијалните информации стандардно се покажаа како точни и овој пат. Apple претстави четири нови телефони од iPhone 12 серијата, која можеме да ја поделиме на „два дела“, односно „обични“ и Pro модели.

На настанот прво беше претставен iPhone 12, кој може да се каже дека ќе биде најпривлечен за повеќето корисници, поради големината, но и пониската цена во споредба со Pro моделите. Заедно со овој модел, беше претставен и првиот досега iPhone кој ја носи додавката „mini“, односно iPhone 12 mini.

Двата телефони ги имаат истите карактеристики, а корисниците ќе ги бираат врз основа на големината на екранот, како и нешто пониската цена на мини моделот од 699 долари, додека iPhone 12 ќе се продава по цена од 799 долари, а ова секако се почетните цени.

Сите претставени модели доаѓаат со поддршка за 5G мрежите, па дури и тие кои не секогаш се поддржани со „милиметарски бранови“. Од Apple истакнуваат и дека iPhone 12 mini е најмалиот телефон со 5G поддршка.

Екраните кај iPhone 12 и iPhone 12 mini се со големина од 6,1 и 5,4 инчи и се изработени во OLED технологија што е голема предност за годинешните модели за разлика од минатата година кога не сите ја добија оваа технологија. Маркетиншкото име кое го користи Apple за екраните е Super Retina XDR екран и на корисниците им овозможуваат резолуција нешто поголема од Full HD, односно 2.532 на 1.170 пиксели кај iPhone 12 и 2.340 на 1.080 пиксели кај mini моделот.

Екранот кај iPhone 12 телефоните е заштитен со таканаречената Ceramic Shield технологија која во споредба со претходните генерации им овозможува на корисниците до 4 пати поголема издржливост.

Овие телефони доаѓаат со нешто помали рамки околу екранот, со што се добиваат исти или помали уреди од лани, со зголемени екрани. Исто така, задржан е исечокот на горната страна во кого е сместена една камера со 12 мегапиксели која се користи и за отклучување на уредот.

На задната страна, двата iPhone 12 модели доаѓаат со по две камери по 12 мегапиксели од кои едната е со f/1.6, а втората со поширок агол на сликање од 120 степени и f/2.4. iPhone телефоните секогаш имаат добар квалитет на сликите, така да тука се очекува продолжување на таа „традиција“.

A14 Bionic чипот е тој на кого работат сите модели од iPhone 12 серијата, што е одлично за корисниците на кои нема ништо да им биде скратено од аспект на перформанси без разлика за кој модел ќе се одлучат.

Овој чип е изработен во 5nm технологија и од Apple истакнуваат дека тој е првиот на пазарот кај смартфоните изработен во оваа технологија. Според тестирањата на Apple, овој чип е за 50% побрз од било кој од најдобрите кај конкуренцијата. Во комбинација со оптимизацијата на iOS, Apple повторно ќе биде можеби најдобриот смартфон кога се во прашање перформансите.

Двата телефони доаѓаат со MagSafe функцијата која овозможува бесжично полнење до 15W, како и поврзување на надворешни додатоци кои се закачуваат со магнетот на задната страна.

Со iPhone 12 Apple го враќа до некаде постариот и добро прифатен дизајн кој сега го користи и кај iPad уредите.

Сите карактеристики на iPhone 12 и iPhone 12 mini, доколку нешто не вклучивме, можете да ги погледнете на официјалната страна за овие телефони на овој линк https://www.apple.com/iphone-12/.

ИЗВОРApple
Претходна статијаHuawei ќе ја претстави Mate40 серијата на 22-ри октомври преку онлајн настан со почеток во 14:00 часот
Следна статијаApple ги претстави iPhone 12 Pro и iPhone 12 Pro Max
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.