Google

Од оваа недела Android Q ја добива својата финална верзија која е спремна да почне да им се доставува како надградба на корисниците на Google Pixel уредите. Останатите уреди, нешто што е проблем одамна веќе, треба наводно да ја добијат оваа верзија до крајот на годината, но познато е дека производителите кои имаат и свои „скинови“ врз Android, оставаат да поминат повеќе месеци додека им ја пуштат најновата верзија на своите корисници.

Од Google истакнуваат дека тие работат со своите партнери, односно со производителите на смартфони, да најновата Android верзија стане достапна од крајот на годината. Поради досегашното искуство тоа некако не ни се верува, но ќе биде напредок да барем одреден процент од уредите бидат надградени побрзо.

Официјалното име на најновата верзија од Android е Android 10, па како што можевме да прочитаме, Google веќе нема да користи имиња на десерти и колачиња за именување на оперативниот систем, барем не за јавноста.

Android 10, иако не донесува некои веднаш забележливи новини, односно не се работи за надградба која значително го менува системот, сепак доаѓа со доста и интересни новини, а еве ги дел од нив:

  • Темна тема за целиот систем која ги вклучува темните теми и на останатите апликации кои имаат поддршка за истата
  • Навигација низ системот преку гестикулации, наместо стандардните копчиња на долната лента
  • Поддршка за уреди со екрани на превиткување, како Samsung Galaxy Fold и Huawei Mate X
  • Унапредување на „Smart Reply“ функцијата која од лентата за известување која се појавува на горниот дел, сега покрај предлози за одговор, овозможува и директно отворање на апликацијата до која води линкот, доколку го има во добиената порака
  • Можност за избор да апликациите имаат пристап до локацијата само додека се вклучени
  • Известување кога апликација која не се користи, сака да пристапи до локацијата на корисникот
  • Системски и безбедносни надградби преку Play Store за да не мора да се прави надградба на целиот систем и да се чека на сите производители
  • Подобрени функции за Digital Wellbeing со нови можности за намалување на користењето на одредени апликации, како и нивното испраќање на известувања

Ова се дел од новите функции кои се дел од Android 10, а повеќето од корисниците нив ќе може да ги користат од идната година кога нивните уреди ќе добијат надградба или кога ќе купат нов уред.

ИЗВОРGoogle
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаТомо Рицов и Никола Врдољак во пресрет на најдобриот Викенд во годината: Во рамки на Фестивалот веруваме дека Регионот може подобро
Следна статијаHuawei со ексклузивни понуди за новата учебна година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.