Intel официјално објавија дека американската влада ќе стане сопственик на 9,9% од компанијата, нешто за кое можеше да се прочита досега и не доаѓа како некое изненадување.
Сепак, ова не е нешто што е стандардно за американскиот начин на функционирање, па иако има уште неколку примери, сепак е ретко владата во САД директно да инвестира и да има сопственост врз приватните компании.
Поддршката на компаниите обично доаѓа во форма на ослободувања од даноци, грантови, позајмици и слично, па оваа одлука доаѓа повеќе како дел од политиката на Доналд Трамп за развој на американските компании, односно „Америка прва“ политиката.
Американската влада ќе стане сопственик на 433,3 милиони примарни обични акции на Intel, што претставува 9,9% од компанијата. Се најавува дека владата ќе практикува пасивна сопственост, односно нема да има претставник во одборот на директори и слично, а се најавува гласање во линија со одборот на директорите.
Владата ќе има можност да докупи уште 5% од компанијата во наредните пет години со посебна цена, само доколку Intel има сопственост помала од 51% на нивните фабрики.
Инвестицијата во акциите од страна на владата доаѓа во форма на менување на преостанатите 5,7 милијарди долари од грант кој го има користено Intel, како и 3,2 милијарди долари од друга владина програма.
Во основа, договорено е да веќе постојни пари кои требало да ги добијат или ги имаат добиено од владата, бидат претворени во удел во компанијата.
Вкупната инвестиција која ја добиваат Intel изнесува 8,9 милијарди долари.