На 24 март 2001 година беше пуштена десеттата верзија од дотогаш наречениот Mac OS оперативен систем. Новото име Mac OS X останува во употреба до 2012 кога продолжува да се нарекува само OS X.
Ознаката X ја означува бројката 10, а оперативниот систем се изговара OS Ten. Ова е наредната верзија од дотогаш Mac OS 9, но добива и поголемо значење освен број на верзија, па поради тоа и останува во наредните 15 години.
Оваа верзија е различна од дотогашната, а е развиена на основа на оперативен систем развиен во NeXT, компанијата која ја има основано Стив Џобс по неговото напуштање на Apple во 1985. Оваа компанија во 1997 е купена од страна на Apple, а тоа го претставуваше и враќањето на Џобс во неговата компанија.
X ознаката покрај бројката 10, симболично ја означува и UNIX основата на која е дограден оперативниот систем, како и поврзаноста со NeXT.
Првата верзија од Max OS X е наречена Cheetah, а сите верзии до 2013 беа нарекувани по диви мачки.
Оваа верзија за првпат го воведе Aqua корисничкиот интерфејс кој може да се каже дека до денес е основа на сите верзии од овој оперативен систем.
Инаку, OS X е препознатлив по користењето на таканаречен док на долната страна, наместо таскбар како во Windows. Овој док стана главна карактеристика која е достапна во сите верзии навака.
OS X е вториот најмногу користен оперативен систем после Windows, а Apple го промовира како многу посигурен, едноставен и функционален за разлика од конкурентот.