Оваа недела се одржува Google I/O конференцијата, па како и секогаш истата е место каде дознаваме за новостите кои доаѓаат од Google. Доста интересни новини се презентираат за сервисите од компанијата, па може да се дознае повеќе за Android оперативниот систем, за нивните апликации, сервисите како Google Assistant, а беа претставени и нови Pixel 3a уреди.

Google Assistant, кој иако ги нема сите достапни функции во нашата земја, сепак претставува одличен начин за гласовно „комуницирање“ со уредот во доста ситуации кога истото е подобро од пишување. Овој асистент е еден од подобрите во разбирање на командите, без правење скоро воопшто грешки.

Google во својата презентација претстави подобрувања кои доаѓаат на Assistant. Како прво, асистентот сега ќе може да разбира многу посложени прашања, прашања кои повеќе наликуваат на комуникација со човек.

Па така, на пример, ќе може да му се каже реченица како „Какво е времето кај куќата на мајка ми“ или „Потсети ме да нарачам цвеќиња пред роденденот на сестра ми“. Google Assistant подобро ќе ги познава своите корисници, па ќе може да функционира на основа на вакви команди, односно команди кои не мора да ги содржат сите информации, а Assistant „паметно“ ќе ги поврза преку својата дата база.

Се разбира, ова е нешто што голем број на корисници кои сметаат дека приватноста е загрозена со ваквите асистенти, само ќе го направи проблемот поголем.

Google Assistant исто така добива нов режим за возење. Со кажување на командата „Ајде да возиме“, се прикажува поедноставен и специјално наменет екран со основни работи кои се потребни при возење, без дополнителни работи кои би го одвлекле вниманието на возачот.

На екранот ќе бидат прикажани локациите до каде може да се вози, доколку на пример, корисникот има ставено некој состанок во календарот, а тука ќе бидат и често користените контакти, како и музика.

Новите можности на Assistant ќе им станат достапни на корисниците на Android уредите во периодот што следи, односно во наредните месеци.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.