Почнувајќи од оваа недела може да очекувате мала промена на изгледот на главната страна на YouTube, доколку овој сервис често го користите преку десктоп или таблет компјутер. Промените не се драстични, а дефинитивно може да се каже дека го подобруваат корисничкото искуство.

Главната промена е во начинот на прикажување на видеата на главната страна. Листата од 5 видеа во ред се намалува на 4, а со тоа се добива простор за поголеми слики од видеата, како и подолг наслов.

Покрај тоа, корисниците ќе забележат дека под секоја слика сега е поставена иконата од каналот, па многу полесно ќе можат да препознаат од кого е видеото кое се мислат дали да го гледаат.

Со поминување со глувчето преку слика од видеото, започнува прикажување на видеото без звук, на самата слика, а сега со зголемувањето на сликите, може да се очекува и подобрена резолуција на тоа видео.

Од YouTube истакнуваат дека покрај овие промени на корисничкиот интерфејс, тие за десктоп корисниците воведуваат и можност за додавање на видеа во „queue“, со што истите ќе бидат пуштени по завршување на видеото што се гледа, без истото да биде прекинато.

Исто како и на мобилните апликации, корисниците на десктоп сега ќе можат да изберат да не им бидат предложувани видеа од одреден канал на главната страна.

Промените почнуваат од оваа недела, но се пуштаат постепено, па би требало да ја видите разликата во деновите што следат.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.