Третото издание на меѓународниот фестивал на деветтата уметност „Стрип Трип“ ќе се одржи од 6 до 8 јуни 2025 година во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје. Главен гостин на фестивалот е реномираниот стрип-автор Рајнхард Клајст од Германија кој е познат во светски рамки со графичкиите биографии за Дејвид Боуви, Ник Кејв, и Џони Кеш, како и графичките романи „Боксерот“ и „Олимписки сон – Приказната за Самија Јусуф Омар“.
Клајст ќе настапи на „Стрип Трип“ со изложба, панел дискусија, цртачка сесија, како и уникатен цртачки перформанс со музичка придружба од Мартин Џорлев, Виктор Стојановски и Марко Печеновиќ. Меѓународни гости на фестивалот се и реномираните стрип-автори Марко Дјешка од Хрватска, Марко Стојановиќ од Србија и Гани Сундури од Косово.

Македонски претставници на „Стрип Трип“ се Александар Сотировски, Смиле Цветановски, Давор Драмиќанин, Наташа Андонова, Филип Алексовски, Матеј Богдановски, Симон Калајџиев, и Стефан Николовски. Дополнително, на писателот и теоретичар Томислав Османли ќе му биде врачена наградата „Македонско стрип наследство“ со која се препознава неговиот допринос кон македонското стрип творештво. Во текот на фестивалот ќе бидат објавени и победниците на конкурсот за најдобар краток стрип кои ќе се стекнат со низа финансиски и нефинансиски награди.
Програмата на „Стрип Трип“ вклучува три одделни изложби со стрип табли и илустрации на гостите и учесниците на конкурсот, а ќе се одржат и низа панели и презентации на некои од најновите домашни и регионални стрип изданија. Фестивалот вклучува и работилница за цртање стрипови со Здравко Гиров, цртачка „џем“ сесија со сите гости, поткаст во живо со Дебели Гикови, и низа други интерактивни искуства.
Ќе бидат прикажани и долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, како и кратките анимирани филмови на Марко Дјешка. Диџеј сетовите на Костадин Шурбановски – Шурбе и Владимир Благојевиќ – Владодлак ја заокружуваат мултимедијалната програма. Повеќе детали и саатници се достапни на Фејсбук и Инстаграм профилите на „Стрип Трип“.
Покрај редовната програма, на 7 и 8 јуни со почеток од 12ч ќе се одржи стрип берза на платото на МКЦ на која ќе учествуваат следните издавачки куќи и продавачи на стрипови и друга графичка литература:
- Бункер
- Макстрипови
- Стрип Квадрат
- Арс Ламина
- Темплум
- Флип Бук Букс
- Артконект
- Гаврош
- Катран Комикс
- Парагонс Комикс
- Крипто Комикс
- Жарко Миловановиќ – Жбрц
Фестивалот се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам, Град Скопје и Општина Центар. Спонзори на настанот се Гете Институт, Скопско Смут и Арс Ламина.
Ко-оргиназатори на фестивалот се МКЦ, стрип книжарницата и издавач „Бункер“, здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“, издавачката куќа „Стрип Квадрат“, и поддржувачи на македонската стрип сцена како „Комикс МК“, „Парагонс Комикс“, и „Катран Комикс“.
Фестивалот ќе биде отворен за сите посетители.
