Во понеделник, од Расадник во скопската општина Кисела Вода, ќе започне Баскерфест 2025, обележувајќи го почетокот на јубилејното 15. издание на еден од највозбудливите и најпрепознатливи улични фестивали во Македонија.
Под мотото „Побарај ја забавата“, после неколкугодишна пауза, фестивалот повторно ќе ја оживее уличната сцена, носејќи ја уметноста меѓу луѓето, на плоштадите, улиците и јавните простори.
„Ме радува што по неколкугодишна пауза, се враќаме повторно на уличната сцена, посилни и повозбудливи од кога било досега. Од 25 август до 6 септември на уличните сцени ќе продефилираат преку 20 интернационални артисти, од сите краеви на светот – од Полска до Чиле, од Канада до Бразил – со единствена цел да ја раздвижат секоја локација, да создадат моменти што се доживуваат со сите сетила и се паметат трајно“, истакна Пане Темов, организатор на Баскерфест, на денешната прес-конференција по повод 15.издание на фестивалот. Тој информираше дека оваа година, Баскерфест ќе гостува на 13 различни локации во 9 градови низ земјава.
Во понеделник, првиот фестивалски ден, ќе се одржи во скопската општина Кисела Вода, во вторник караванот ќе гостува кај амфитеатарот во Велес, во среда на плоштадот во Кавадарци, прилепчани ќе можат да се забавуват во четврток на плоштадот, а петок е резервиран за битолчани пред фонтана Магнолија. Во сабота (30.08.), Баскерфест ќе биде на плоштадот во Охрид, а веќе наредниот ден во Тетово.
Од 1 до 4 септември, караванот повторно ќе биде пред скопската публика, односно во општините Бутел, на плоштадот, Аеродром, жителите на Гази Баба ќе можат да го проследат Баскерфест на плоштадот во Автокоманда, додека паркот во Ѓорче Петров е локацијата на која ќе се одржуваат уметниките перформанси. Претпоследниот ден од двонеделното патување, 5 септември, Баскерфест ќе го посети Куманово, а наредниот ден во Гевгелија е последната фестивалска вечер. И во двата града, баскерџиите ќе настапуваат на плоштадите.

„Сите претстави ќе започнуваат во 19 часот. Ги повикуваме сите љубопитни, млади по дух и срце, семејства, деца, љубители на уметноста, да ни се придружат и заеднички да ја славиме креативноста, спонтаноста и човечката поврзаност преку уметнички перформанси. Ќе биде весело, магично и незаборавно!“, порача Темов кој најави дека низ плоштадите и улиците ќе настапуваат акробати, жонглери, улични музичари, илузионисти и кловнови, секој со своите уникатни приказни и вештини.“
Публиката ќе има можност да ужива во огнениот спектакл на Plucie Ogniem од Полска, театарско-циркускиот настап на харизматичниот Hiram Meza од Чиле, ќе се смееме до солзи со Mr. Mostacho и неговиот уницикл-шоу „Equilibrium“, кое носи комедија, рамнотежа и многу изненадувања. Публиката со своите кукли Carolina и Maria Beijoqueira – комбинација од шарм, хумор и интеракција, ќе ја забавува популарниот Edu Boneco од Бразил, а Канаѓанецот Sean Rooney ќе донесе бои и фантазија преку балон-уметност која буквално се трансформира пред вашите очи. Свој перформанс ќе има и македонскиот уличен артист Кристијан Бенито, кој со својот автентичен стил и енергија ќе внесе локален дух во интернационалната програма. Целовечерното улично шоу ќе го збогатат и The Beat Killers Academy од Албанија, кои со танц и перформанс ќе креираат вистинска улична магија, како и статуите од Србија – актерска уметност што ќе ве воодушеви. Фестивалските вечери ќе бидат збогатени и со музички перформанси за кои ќе биде задолжен DJ MartiAn.
Бразилецот Edu Boneco беше присутен и на денешната прес-конференција на која не ја криеше возбудата што ќе настапи пред македонската публика.
„Навистина ми е драго што сум дел од овој Баскерфест, што се одржува во Македонија. За првпат сум овде, многу ми се допаѓа она што го видов до сега, се надевам дека се за време на моите настапи ќе запознаам што повеќе нови луѓе и ќе ја видам одблизу вашата култура. Јас ќе дадам се’ од себе да ве претставам на моите следбеници од целиот свет што поизворно, за и тие да ја запознаат Македонија и македонскиот народ. Се надевам дека сите заедно ќе си поминеме одлични 13 дена“, истакна Edu кој ќе ја забавува публиката со своите кукли Carolina и Maria Beijoqueira.
Од Општина Кисела Вода на прес – конференцијата се обрати Сашо Јованоски, советник од кабинетот на градоначалникот кој порача: „Баскерфест е доказ дека културата не мора да биде во сали и галерии – таа живее на улица, меѓу луѓето, како универзален јазик на разбирање и поврзување. Фестивалот е симбол на слободен дух, културна размена и урбана енергија. Нас како општина, нè радува фактот што токму од овде ќе започне овој голем караван и сите граѓани на Кисела Вода ќе имаат можност први да го погледнат ова шоу. Честитки до организаторите, посакувам успешен караван и нека има почесто вакви манифестации во Македонија“, порача Јованоски.