Кинотеката на Македонија од 13 септември 2025 ја започнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од основното образование (11 до 14 години) кои сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето на сопствени кратки филмови.

Филмската училница ќе се одвива секоја сабота, во текот на десетина последователни викенди, до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм – од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.

Сите училници ќе ги предводи режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а во улога на гости-предавачи ќе се вклучат и монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти кои ќе им ги откријат на младите филмаџии тајните на професијата.

Филмската училница 2025 се реализира во рамките на меѓународниот проект FilmED, финансиран од Европската Унија преку програмата Creative Europe – MEDIA, со цел развој на филмска писменост, промоција на европската кинематографија и збогатување на едукативните ресурси за млади. Проектот ги обединува институции и организации од Македонија (Кинотека на Македонија), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар на Унгарија), Чешка (Крутон) и Словачка (Кино Усмев), со координација на Гете-институтот од Прага.

Со оваа иницијатива, Кинотеката продолжува со својата посветеност на младата публика и на развивање нови генерации што критички ќе го разбираат и креираат филмот, како медиум кој ги поврзува креативноста, културата и современото образование.

Повеќе информации за проектот можете да пронајдете на веб страната https://film-ed.eu/.

Сите дополнителни информации можете да ги добиете на веб страната на https://kinoteka.mk/https://filmskauchilnica.mk/како и на телефонскиот број +389 78 398 085 и е-пошта filmskauchilnica@gmail.com

Претходна статијаНови гласини тврдат дека Apple конечно ќе почне да користи „комора за испарување“ кај iPhone
Следна статијаMicrosoft Word ќе започне автоматски да ги зачувува документите во OneDrive