Подгответе се за највеселото, најшареното, најурбаното и најнепредвидливото летно доживување – Баскерфест караванот 2025 одбројува до моментот кога ќе тргне на пат низ Македонија. После неколкугодишна пауза, фестивалот повторно се враќа меѓу луѓето, во срцето на градовите, на плоштадите и булеварите што на неколку дена ќе станат сцена на радост и смеа, на изненадувања и аплаузи.

Од 25 август до 6 септември, на 13 локации во 9 градови, ќе се одржи јубилејното, 15. издание на најпознатиот и најпосетуван уличен фестивал во земјава – фестивал кој петнаесет години по ред внесува боја, смеа, радост и автентична уметност под отворено небо.

Под слоганот „Побарај ја забавата“, инспириран од шпанскиот збор buscar (барај), Баскерфест и годинава ќе го претвори секојдневието во нешто волшебно и неочекувано, секојдневие на мигови што се паметат, што се случуваат на улица, без најави, без сцена, без билет. Улиците ќе станат сцени за акробати, жонглери, кловнови, музичари, танчери, илузионисти и улични артисти од целиот свет, кои го задржуваат вниманието, предизвикуваат смеа, шират позитивна енергија и умеат само за миг да го „украдат“ аплаузот на публиката.

Годинава Баскерфест ќе обедини повеќе од 20 изведувачи од целиот свет, таленти од Полска, Србија, Албанија, но и од далечните Чиле, Бразил и Канада, чие присуство ќе му даде на фестивалот посебна димензија. Тие доаѓаат од континенти со различни култури, јазици и традиции, но со иста мисија, да споделат радост, креативност и енергија што го буди секое место низ кое минуваат, секој од нив ќе понуди по нешто непредвидливо, нешто што се доживува со сите сетила.

Дополнително, секоја вечер на фестивалот ќе биде збогатена со музичка програма, што ќе го надополни визуелното доживување со звук, ритам и уште поголема блискост меѓу артистите и публиката. 

Не го пропуштајте единственото, лутачко, шарено и весело уметничко доживување што живее на улица и од погледите и аплаузите на публиката – Баскерфест. Подгответе го доброто расположение, повикајте пријатели и препуштете се на ритамот на уличната магија. 

Одбројуваме до стартот – „Побарај ја забавата“, Баскерфест те чека.

Претходна статијаMicrosoft го откажува развојот на посебната и полесна верзија од Windows 11 наменета за образовните институции
Следна статијаYouTube започнува со користење на вештачка интелигенција за проценка на возраста на корисниците