Новото време со себе носи и нови предизвици, според последните проценки, се предвидува дека до 2050 година преку 60% од светската популација ќе живее во градови. Модерните проблеми бараат модерни решенија, а решението за сите предизвици што ги носи живеењето во градовите, како што се: пренаселеноста, загадувањето на воздухот, собирањето на отпадот, регулирањето на сообраќајот… е примената на новата технологија преку концептот паметни градови, кои ќе донесат квалитетен живот за луѓето во градовите и здрава животна средина. Најпрво, да одговориме на прашањето: Што се паметни градови?

Паметните градови се релативно нов концепт, кој започна да се имплементира неодамна во поголемите европски градови, а потоа се прошири и преку океанот, во САД. Концептот на паметни градови се однесува на користењето напредни дигитални технологии за оптимизирање на градските ресурси, намалување на трошоците, подобрување на квалитетот на животот и обезбедување подобри услуги за граѓаните.

Во време кога градовите се соочуваат со огромни економски и еколошки предизвици, токму технологијата може да биде клучен фактор за надминување на градските проблеми и унапредување на урбаното живеење.

Начинот на кој еден град станува паметен е преку менување и подобрување на целосниот еко-систем, од институционална, преку физичка и социјална, па сѐ до економска инфраструктура.

На пример, решението Паметно улично осветлување, кое веќе се применува во Копенхаген и Чикаго, им помогна на овие градови да ја зголемат безбедноста, но и да заштедат огромен дел од годишниот буџет. Обичните улични светилки беа заменети со LED светилки, а притоа беше воведен Cloud систем за контрола и управување со уличното осветлување. Сензорите овозможија светлата автоматски да се активираат кога ќе забележат движење, со што се намали бројот на сообраќајни несреќи и криминални активности, а се зголеми заштедата на енергија, затоа што се гаснат кога нема движење. Тоа придонесе за зголемување на квалитетот на услугата, помала потрошувачка, поеколошка средина, но и за зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните.

Дигитализацијата на процесите е првиот чекор кон модерниот начин на живот – функционирање на човекот и технологијата во единство, со заедничка цел: создавање подобар свет. На пример, дигитализирањето на управувањето со отпад им помогна на неколку градови низ светот подобро да го организираат собирањето и исфрлањето отпад, преку ICT решенија како паметни корпи, кои му покажуваат на корисникот колку е полн садот за отпад, каква е температурата во него, колкава е неговата вкупна тежина и слично. Ваквите решенија креираат услови за поздрава животна средина, ги прават градските управувања полесни и поекономични, што на крајот резултира во унапредување на урбаното живеење.

Претходна статијаБизнис на интернет: Онлајн простор за вашата компанија
Следна статијаWhatsApp на Android доби поддршка за отклучување преку сензорот за отпечатоци