Можеби кај нас ова не е се’ уште случајот, но во западните земји дигиталните асистенти се почесто се користат, а посебно преку достапните паметни звучници. Корисниците преку овие уреди го проверуваат времето, закажуваат состаноци, па дури и ги отклучуваат своите влезни врати, секако доколку имаат паметни брави.

За потенцијалните ризици од се поголемиот број на „Интернет на нештата“ уредите се пишува веќе подолго време, а кога ќе се размисли подобро, се што е поврзано на интернет, е потенцијална мета на напади.

Во главно кога читаме за ранливост на уредите, читаме за нивно хакирање преку интернет, но тоа што го имаат откриено истражувачите од универзитетите во Токио и Мичиген, е навистина неочекувано и интересно.

Тие имаат откриено дека на дигиталните асистенти на мобилните, таблет компјутерите и кај паметните звучници, може да им бидат пуштени команди без користење на глас, туку со насочување на посебно прилагоден ласер.

Причината за ова е начинот на којшто микрофоните го претвораат гласот, односно звукот, во електрични сигнали, начин кој може да биде „излажан“ со ласери. Во основа, микрофоните имаат дијафрагма која вибрира кога ќе поминат звучни бранови, нешто што може да биде имитирано со светлосните бранови.

Видеото на почетокот од статијата одлично го објаснува методот кој е наречен од страна на истражувачите, Light Commands. Тестирањето е направено и било успешно кај сите денешни познати дигитални асистенти, односно Siri, Alexa, Google Assistant и Facebook Portal уредот.

По добивањето пристап до дигиталните асистенти, може да се добие пристап и до паметниот дом, да се отворат паметните врати и гаражи, да се направат купувања онлајн, па дури и да се отворат вратите кај одредени автомобили.

Ласерот, иако треба да е директно насочен кон уредот и тој треба да е во видното поле, сепак може да се пушти од поголема оддалеченост, па и преку прозори.

Сепак, се верува дека ова досега друг го нема откриено и никој го нема злоупотребено овој пропуст кај микрофоните. Исто така, повеќето корисници во денешно време користат ПИН кодови за отклучување на нивните уреди, па искористувањето на овој пропуст не е до толку едноставен, иако може да биде направен со лесно достапни производи за прилично достапна цена.

Во продолжение пример за отворање на врата од гаража на овој начин.

ИЗВОРTNW
Претходна статијаMicrosoft ја најави финалната верзија од Edge за 15 јануари и го претстави новото лого на прелистувачот
Следна статијаXiaomi Mi CC9 Pro доаѓа со 5 камери на задната страна од кои едната е со 108 мегапиксели
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.