Во неделите што следат ќе имаме шанса да ги тестираме сите три нови модели од Samsung Galaxy S10 серијата. Прво се одлучивме да го пробаме „најдобриот“ во серијата, односно Galaxy S10+.

Телефонот ќе го користиме во наредниот период, па ќе видиме што ново донесува Samsung, дали вреди да се направи надградба од претходната генерација, какво е корисничкото искуство со новата дупка за камерата и слично.

На почеток, односно после првите 2 дена на користење неколку работи ни „паднаа“ во очи кај овој уред и уште сега ни е јасно дека дефинитивно ќе дадеме препорака за купување на овој уред.

Прво што забележав кај телефонот е дека тој е прилично лесен и покрај тоа што е најголемиот модел во серијата. Не се добива чувство дека се користи голем и гломазен уред, па ракувањето со него е прилично лесно и „нормално“.

Имам забелешка за поставеноста на копчето за отклучување. Истото е поставено според мене непотребно високо, па со оглед на тоа што веќе сензорот за отпечатоци не е на задната горна страна, бара движење на прстите повеќе од што би се очекувало.

Сепак, сигурно Samsung имаат причина зошто го имаат поставено копчето таму, а најверојатно да беше подолу ќе сметаше при држење на уредот.

Екранот нема зборови со кои може да се опише колку е добар. Боите и светлината се повеќе од одлични, а со оглед на тоа дека сепак се работи за уред кој се користи блиску до очите, навистина се чувствува високата резолуција.

Брзина на работа на уредот е доволно подобра за да може да се забележи разлика од Galaxy S9, којшто е моментално мојот главен телефон којшто го користам секој ден.

Сензорот за отпечатоци кој сега е поставен под екранот е една од првите работи кои ги пробав и ги тестирав. Потребно е навикнување од околу 10 отклучувања, по што целата активност станува лесна и брза.

Сензорот којшто Samsung го користи во овој модел е ултра звучен, што значи дека е многу побезбеден и потежок за пробивање од тие кои се користат кај повеќето конкуренти, односно од оптичките.

Споредба би ја направил како нешто слично со разликата од препознавање на лицето со една предна камера и препознавање на лицето со креирање на негова 3D слика.

Камерата уште не стигнав доволно да ја користам, но од тоа што малку ја „прочепкав“ веднаш се забележуваат можностите кои ги нудат трите задни камери.

Моделот којшто го имаме на тест доаѓа со преубава зеленкаста боја на задната страна, а посебно се истакнува рамката која веќе не е црна и му дава на уредот многу квалитетен впечаток уште од првиот поглед.

Забележавме дека покрај хардверот и софтверот доаѓа со одредени нови можности кои не се достапни во постарите модели, очекувано, а повеќе за нашето искуство со Galaxy S10+ по завршување на тестирањето.

Претходна статијаFacebook го претстави Oculus Rift S со подобрена резолуција и перформанси
Следна статијаВиз Ер Скопски маратон изненадува со секој чекор – нови медали за штафетен маратон, прекрасни маици и бесплатни групни тренинзи
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.