Ангела Мојсовска освои злато, а Викторија Јовановска бронза на Европската Универзијада во Варшава. Двете каратистки беа дел од тимот на „Макпетрол“ што во рамки на македонската репрезентација се натпреваруваше во главниот град на Полска од 21 до 26 август. Петар Заборски и Јована Мицовска се пласираа на петтото место. Каратистите на „Макпетрол“ од вкупно шест настапи во четири поединечни категории се бореа за медал на оваа Европска универзијада.
Македонската универзитетска карате репрезентација на елитното универзитетско европско натпреварување освои вкупно три медали. Покрај Мојсовска и Јовановска, со сребро се закити и Љупче Михаилов од Штип.
Ангела Мојсовска во финалната борба ја победи противничката од Косово, Мустафа Бехије, со резултат 4 – 3 и го освои златниот медал во категоријата под 68 килограми. Во мечевите до финалето, членката на скопски „Макпетрол“ ги оствари следните резултати против: Нина Лукенда (Хрватска) 8-4; Амина Фејзиќ (БиХ) 4-3; Влере Керими (Косово) 3-1.
Викторија Јовановска, пак, се бореше со Талија Блејк од Велика Британија (2-2), Михаела Малаута од Романија (2-3), во репасажот се сретна со Матилде Саке од Франција (7-1), а мечот со Лејла Топаловиќ од Австрија го доби со 3-0 и ја освои бронзата.
На Европскиот универзитетски шампионат во боречки спортови, учествуваа над 1.100 спортисти од 32 европски држави. Тие се натпреваруваа во четири боречки спортови: карате, џудо, теквондо и кик-бокс.