Во Македонскиот народен театар во Скопје, синоќа се одржа централната свеченост по повод големиот јубилеј – 120 години од Националниот Ден на Власите, под слоганот „120 години – Столб на балканската историја, сегашност и иднина“. Настанот беше организиран од Министерството за односи меѓу заедниците и беше отворен за јавноста, со цел да се сподели значењето на влашката историја, јазик и културно наследство со сите граѓани.

Националниот ден се слави од 1991 година, а 23 мај е избран, затоа што на тој датум во 1905 било објавено дека султанот на Отоманската империја Абдул Хамид II на 22 мај го признал влашкиот милет – влашкиот народ. Во Македонија, од 2007 година Националниот ден на Власите, 23 Мај се слави и како државен празник.

Свечената академија беше збогатена со културно-уметничка програма и пригодни обраќања на високи претставници на институциите. На свеченоста во МНТ, за која од организациониот одбор кажаа дека за првпат се одржува со поддршка на Владата, за првпат говореше и претседателот на македонската Влада, а покрај премиерот Христијан Мицкоски, на присутните им се обратија и вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, а настанот го отвои претседателот на Партијата на Власите во Македонија, Стерјо Папули.

„Денешниот ден – 23 Мај несомнено е од исклучително значење за нас Власите и за сите граѓани на Република Македонија. Ова е ден кога нашиот народ се стекна со основните човекови права кои му припаѓаат на секој човек, денот кога ние Власите за прв пат бевме признаени како посебен народ. Годинава се навршуваат 120 години од прогласувањето на документот ИРАДЕ со кој ние Власите ги добивме сите права, за образование на мајчиниот јазик, за богослужба на влашки јазик, како и многу други основни права кои му припаѓаат на секој поединец. Власите се уставна категорија и признати со сите права во Македонија, а ние работиме на овие права и на имплементација на истите. Благодарност во Владата, до Министерството за односи со заедниците што ни го овозможија овој настан, да си го прославиме достоинствено националниот ден на Власите“, посочи Папули.

Премиерот истакна длабока благодарност и почит кон влашката заедница, нагласувајќи ја нејзината истрајност, историски придонес и важност за македонската државност.

„Стојам овде пред вас со длабока почит, одговорност и чувство на благодарност. Благодарност кон една заедница која со векови е дел од срцето на оваа земја, која со својата истрајност, трудољубивост и љубов кон татковината оставила неизбришлива трага во нашата историја, култура и идентитет. 23 мај е денот кога ја славиме влашката заедница како нераскинлив дел од македонската државност и кога не само што оддаваме признание, туку и си ветуваме: дека никогаш нема да ја заборавиме вредноста што Власите ја имаат за оваа земја. Историјата на Власите во Македонија е историја на достоинство. Историја на луѓе кои, и кога било најтешко, не се повлекле. Историја на луѓе кои секогаш работеле – за своето семејство, за својата заедница, и за Македонија. Не смееме да заборавиме и на улогата на Власите во прогласувањето на Крушевската Република. Не смееме да ја спомнуваме борбата за слобода без да го изговориме со почит името Питу Гули. Не смееме да го игнорираме огромниот придонес на влашките интелектуалци, уметници, просветители. Денес и понатаму, тие се присутни во науката, уметноста, медицината, правото, образованието“, рече претседателот на Владата, Мицкоски и додаде дека Владата ќе продолжи со поддршка на наставата на влашки јазик, поддршка на културните манифестации и книжевноста и ќе вложува во образованието на млади Власи.

Академијата беше отворена со настап на хорот „Злата Мегленска“, кој со достоинство ја изведе македонската химна и Ода на радоста, по што следуваше разновидна и емотивна програма во која учествуваа реномирани уметници. Меѓу нив се истакнаа вокалната уметница Марија Костова, бендот „Бона Деа“, пејачката Елена Џика, детската група „Fiturlji di Shtip – Пеперутки од Штип“, дуото Леона и Ребела Јанкоски од Крушево, како и популарните Александар и Дац во краток музички настап. Централниот дел на вечерта беше збогатен со настапот на групата „Армањ Пирифањ – Горди Власи“ од Скопје, кои со својот современ и традиционален пристап донесоа силна емоција и гордост меѓу присутните.

Со овој настан, организаторите уште еднаш потсетија дека Власите се нераскинлив дел од македонското културно ткиво. Преку историски личности како Питу Гули, Рајко Жинзифов, Браќата Манаки и Михајло Пупин, до современи културни амбасадори како Калиопи и Тоше Проески, влашката заедница дала силен придонес во сите сфери од општеството. Свечената академија претставува повик за поголема институционална поддршка, зачувување на јазикот и традициите, но и за споделување на богатството на различноста со сите граѓани на Македонија.

Претходна статијаПроКредит Банка ја претстави ProActive платформата со која започнува нова ера на одговорно банкарство