Фото: Shutterstock.com

Донесен во 1995 година, Законот за средното образование е вкупно 32 пати менуван и дополнуван. За жал, до овој момент никогаш не биле спомнати средношколското организирање и демократија. Затоа Сојузот на средношколци се реши со овој предлог закон да го врачи средношколското раководење и демократија токму во рацете на секој еден средношколец во државата. Овој закон го регулира и демократизира ученичкото организирање за првпат во историјата на државата.

Сојузот овој предлог ќе го достави до Клубот на млади пратеници, а под покровителство на Вестминстерската фондација за демократија (WFD) планирано е да организираме јавна расправа во Собранието, со цел секоја засегната страна да го каже својот став и ова решение да биде избрусено и рафинирано.

Сојузот на средношколци се повикува на веќе постоечките права и слободи на учениците при изработката на овој предлог закон. Членот 15 од Конвенцијата за правата на детето го гарантира правото на здружување и мирно собирање: „Државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање“. Иако составен дел од македонскиот правен систем, досега ова право не било актуелизирано и преточено во правен акт.

Процесот на изработка и анализирање на овој закон влече подалечни корени. Во голема мера документот се повикува на претходен предлог напишан и објавен од страна на Младинскиот образовен форум, но со одредени клучни реформи и новини, како и сознанија од компаративната анализа на Коалиција СЕГА.

Со одобрение на Генералното собрание уште кога претседател беше Бленди Ходаи, Лука Павиќевиќ е автор на ова законско решение. Тој изјави: „На чекор сме да ја исполниме најважната точка од изборната програма, која заедно со тимот на Сојузот на средношколци Ви ја ветивме. Ми беше чест да бидам авторот на теоријата, набљудувачот на емпириката и писателот на нормата зад сосема новиов концепт на средношколска демократија. А сега – како што пее Род Стјуарт во неговата позната „Maggie May” – „ It’s late September and I really should be back at school”.

Во август 2021 година Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Сојузот на средношколци ја лансираа заедничката иницијатива „Лидер(ка) на училиште, лидер(ка) во иднината“. Во рамките на иницијативата се организираа панел дискусија во Europe House Скопје и онлајн кампањата „Поддржувам средношколска демократија“ во која учество земаа претседателот на Републиката, видни граѓански активисти, експерти, ученици, професори од средните училишта, млади европски амбасадори и претставничката на УНИЦЕФ во земјата. Сите кажаа дека се #ЗАСредношколскаДемократија.

Јасно е дека целокупната јавност, а најмногу средношколците, сакаат да ги видат учениците како активни индивидуи кои ќе ги застапуваат и бранат своите права и интереси. Познавањето на поделбата на власта на законодавна и извршна ни ги овозможува нашите права и слободи: следствено, овој предлог предвидува претставници на класови и претседател(ка) на ученички совет, со различни надлежности.

Зошто имаме совети на родители и наставнички совети, а ученичките тела се нарекуваат заедници? Еднаквоста меѓу учесниците во образовниот процес мора да се негува: токму затоа мора да имаме демократски и автентични ученички совети. Нивните претседател(к)и ќе бидат избирани на директни, непосредни избори од сите нивни соученици, следејќи ги примерите на југоисточниот регион, Гимназија НОВА, САД и Украина.

Овој закон се однесува на локално, регионално и национално ниво, за конечно секое средно училиште да стане дел од приказната за средношколска демократија, која ќе создаде независен ученички совет во секое средно училиште во земјава. Овие одредби ќе го заштитат автентичниот став на средношколците, значително намалувајќи го негативното влијание на политиката во средношколскиот сектор.

Ученичкото учество и средношколската демократија се важни за да произведеме една свесна, информирана индивидуа која би се вклучила во демократскиот живот, водејќи се од чувството на должност и општествена одговорност. Можностите за средношколец да одбере кој ќе го претставува на сите нивоа се подобри од кога било. Гласот на поединецот вреди сè повеќе.

Дојде времето за средношколска демократија!

Претходна статијаGoogle од идната година ќе ги известува корисниците доколку нивните лични податоци ги има во резултати од пребарувања
Следна статијаDeezer музичкиот сервис сега препознава песни преку потпевнување и свиркање