Во пресрет на матурските прослави, РСБСП апелира до матурантите за време на овие прослави да не управуваат моторно возило без возачка дозвола или под дејство на алкохол. РСБСП секоја година редовно повикува на совесност и одговорност на матурантите и на нивните родители, а укажува на сериозноста на можните последици од сообраќајни инциденти.

Матурата за секој матурант и неговото семејство е од огромно значење. Тоа е чин на завршување на една и почеток на друга фаза во животот на младите. Одбележувањето на матурирањето најчесто е незаборавно, но загрижува начинот на кој се прославуваат матурските вечери: се организираат автомобилски трки, се управува моторно возило без возачка дозвола или под дејство на алкохол, се прават фотографии и видео записи и се објавуваат на социјалните мрежи за време на управување со возилото и слично. Секако, тоа не е вистинскиот начин да се демонстрира матурирањето на дело.

Сообраќајната статистика и искуствата од минатите години, покажуваат дека во деновите кога се организираат матурските прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди. Голем дел од учесниците во незгодите се млади луѓе – матуранти, кои најчесто во незгодите завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот млад живот.

Затоа, во пресрет на матурските прослави, РСБСП на матурантите им укажува на страшните последици кои може да се случат заради непочитување на сообраќајните правила и прописи или невнимание во сообраќајот, а на родителите им упатува апел: Не им дозволувајте на вашите деца да одат на матурската прослава со семејниот автомобил или да бидат возени од друг матурант. Вие одведете го своето дете матурант до местото на матурската прослава и намалете го ризикот од сообраќајни незгоди.

„Не си фраер ако загинеш на матура!“, „Покажи ја матурата на дело!“, „На матурска прослава, без автомобил!“ се пораките кои изминатите години Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги упатуваше до матурантите и нивните родители.

РСБСП им ја честита матурата на сите матуранти и апелира:

Матуранти – млади возачи, почитувајте ги правилата и прописите во сообраќајот! Оваа година, матурските прослави нека поминат БЕЗ сообраќајни инциденти.

Претходна статијаWizz Air прославува 18 години од првиот лет и ги наградува своите патници со 18% попуст на сите летови
Следна статијаЗагреј се за Европското првенство во танци 2022 со Џубокс во Ист Гејт Мол