Каратистите на клубот „Макпетрол“ – Скопје се вратија со осум медали од меѓународниот карате турнир „Ноќ на шампионите 2022“ што се одржа викендов во Бјелина, Босна и Херцеговина.

На овој турнир учествуваа 10 спортисти од карате-клубот „Макпетрол“ кои настапија во дисциплината борби во поединечна конкуренција. Во многу силна конкуренција на 639 спортисти од 73 клубови од 10 држави, нашите каратисти освоија четири сребрени и четири бронзени медали.

Сребрени медали освоија Ангела Мојсовска, Стефан Стојановиќ, Витомир Трајковски и Јована Мицовска, додека со бронза се закитија Петар Заборски, Давид Петков и Викторија Јовановска која освои по еден бронзен медал во две различни категории.

Тренерот на карате клубот „Макпетрол“, Бошко Заборски, е задоволен од постигнатото на турнирот.

– Овој турнир  за нас имаше пред сѐ контролен карактер. Контролата ја направивме во извонредна конкуренција со квалитетни натпреварувачи од Србија и Црна Гора и комплетната репрезентација на Босна и Херцеговина. Задоволни сме од моменталната спортска форма, која во моментов сѐ уште не е на највисокото ниво. Сите спортисти кои настапија имаа по повеќе борби во своите тежински категории и тоа со добри и квалитетни натпреварувачи. Затоа точно можевме да ги видиме сите наши предности, но и недостатоците што треба да ги исправиме – изјави Заборски.

Тој истакна дека турнирот во Бјелина беше одлична контрола за сениорите бидејќи на 25 септември заминуваат за Турција, каде ќе учествуваат на Светските универзитетски игри на боречки спортови кои ќе се одржат во Самсун.

Претходна статијаПрва регионална платформа за е-трговија
Следна статијаHuawei ја претстави својата најмоќна серија паметни телефони Mate 50