Марк Гурман во неговиот најнов неделен билтен, продолжува со најавата дека Apple ќе претстави нови iPad уреди во мај. Таблет компјутерите првично беа најавувани за крајот на март или почетокот на април, но наводно е дојдено до одложување поради производствениот процес на новите OLED панели.
Гурман сега дава и поточен период за тоа кога може да се очекуваат новите уреди, а тоа е неделата од 6 мај, односно втората недела во месецот.
Тоа што се очекува дека ќе биде претставено е нови iPad Pro модели кои сега конечно ќе дојдат со OLED екрани. Ова треба да го подобри корисничкото искуство, а посебно при гледање на видео содржина или читање.
Гурман најавува и покачување на цената на овие уреди, нешто што не е првпат да го слушнеме како најава.
Покрај новите iPad Pro со OLED, во мај се очекува претставување и на нов iPad Air кој оваа година треба да има два модели, односно покрај стандардниот, уште еден со поголем екран, најверојатно од 12,9 инчи.
Очекувано, со претставувањето на овие уреди, се најавува и нова верзија од Magic Keyboard, како и нова верзија од Apple Pencil.
Гурман истакнува дека до крајот на годината може да се очекуваат и нови модели од основниот iPad и од iPad mini, но засега не треба да се очекува ништо за овие два уреди.
Интересно, но може да се каже и доста точно, Гурман се надева дека iPadOS 18 ќе донесе доволно промени за да го направи iPad доволно корисен во време кога според него се помалку има причина да се користи еден ваков уред. Тој во главно користи Mac и iPhone, па нема многу причина да има и iPad.
Покрај софтверот и OLED екраните, оваа година се очекува iPad Pro да добие и одреден редизајн кој со години се очекува.