Едно од најпознатите компјутерски глувчиња на пазарот ја доби својата најнова верзија. Logitech го претстави MX Master 4, а овој пат глувчето доаѓа со вибрации, односно со можност за прилагодување на ситуациите кога уредот поконкретно ја назначува активноста на корисникот.
„MX Master 4 ја редефинира контролата на корисникот со прилагодливи хаптички повратни информации, испорачувајќи суптилни вибрации за скролање, навигација и селектирање. Оваа тактилна прецизност е идеална за задачи како што се видео монтажа, дизајнерска работа и анализа на податоци.“ – истакнуваат од Logitech.
Ова е главната новина кај MX Master 4, која баш ме интересира дали е навистина корисна и дали ја подобрува работата, барем со наведените примери.

Новото глувче донесува и уште една функција, Action Rings, која во основа е софтверска и им овозможува на корисниците да изберат брзо достапни кратенки за секоја од апликациите посебно.
Како пример може да се земат кратенки за Photoshop или Excel, а од компанијата истакнуваат дека корисниците со овие кратенки би заштедиле до 33% од своето време, за активности кои се повторуваат, како и ќе го намалат движењето на уредот до 66%.
MX Master 4 доаѓа со нов чип и оптимизирани антени, со што се добива дупло подобро поврзување со компјутерот, нешто што е доста корисно за поголеми канцеларии со доста луѓе.
Што се однесува до спецификациите, MX Master 4 овозможува до 1.000 линии „скролање“ со MagSpeed Scroll Wheel, сензор до 8.000 DPI, USB-C полнење кое овозможува до 3 часа работа само со 1 минута полнење, како и можност за поврзување со повеќе уреди.