Досега, во понудата на производителот на најдобрите акциони камери, имаше два модели, едниот без никаква можност за поврзување (129 долари) и без дисплеј и втор модел кој беше целосно опремен (299 долари). Сега, достапен ќе биде модел со Wi-Fi и Bluetooth поврзување, но без дисплеј, кој ќе се нуди по цена од 199 долари.
Овие можности на новата GoPro камера ја прават идеална за корисниците кои користат повеќе камери за снимање одеднаш и кои обично користат телефон или таблет за да гледаат како што се снима со нив. Во вакви услови, навистина нема потреба од тоа камерата да има сопствен LCD дисплеј, но и тоа како има потреба за добро поврзување. Исто така, вака опремена, Hero+ Wi-Fi е идеална и за сликање на селфија со стап преку вашиот телефон.
Hero+ Wi-Fi инаку може да снима видео со Full HD резолуција при 60 фрејмови во секунда и да слика фотографии со резолуција од 8 мегапиксели. Отпорна е на вода до 40 метри длабочина, што значи дека е спремна и за нуркачките авантури.
Покрај новиот модел, GoPro објави дека ја намалува цената на Hero 4 Session од 399 на 299 долари, камера која беше неодамна претставена и која е целосно различна од сите други модели во гамата. Највисоко во понудата и натаму седи Hero 4 моделот, кој може да снима и 4K видео, односно Full HD видео со 120 фрејмови во секунда.