После седум генерации од нивниот познат Galaxy Z Fold уред, Samsung оваа година ќе претстави нов вид на уред, кој се превиткува на три дела. Вакво нешто сега е логично со оглед на тоа што уредите стануваат доста потенки, па уред со три дела би можел да биде практичен.
Целта секако повторно е да се добие смартфон кој може да биде отворен и претворен во таблет, а во овој случај, уште поголем таблет кој реално може да ја замени целосно потребата од посебен таблет компјутер.
Овој уред се смета за скоро официјален, а ќе почекаме до претставувањето да видиме точно каков ќе биде.
Засега изгледа го имаме неговото име, па наводно првиот уред кој се преклопува на три дела од Samsung ќе биде наречен Galaxy Z TriFold.
Не е сигурно дали од компанијата ќе додадат уште некоја ознака, како бројка, но се верува дека ова ќе биде името на уредот.
Според најавите, Galaxy Z TriFold треба да го очекуваме до крајот на годината, а се верува дека тогаш Samsung дополнително ќе ја усоврши технологијата за екраните кои се превиткуваат.