gold-nanotubes-leeds

Нанотехнологијата е во својот зачеток, а инженерите веќе измислија повеќе начини на употреба на истата, со зачудувачки карактеристики. Графенот (лист од јаглеродни атоми дебел еден атом) има зачудувачки карактеристики на спроводливост и полуспроводливост на нормални („собни“) температури. Само што пишувавме за синтетичките антитела и каков потенцијал имаат тие за лекување на разни негативни појави во организмот.

Кога сме веќе кај лекувањето и медицината, научниците од Школото за физика и астрономија и од Лидс институтот за биомедицински и клинички науки успеаjа да демонстрираат лечење на човечки рак преку златни наноцевки кај глувци. Практично, ваквите наноцевки можат да се употребат за третирање на рак од повеќе аспекти. Со помош на близу-инфрацрвена лампа, а со менување на силината на светлината, се употребуваат барем за 3 цели.

Со осветлување со низок интензитет може да се забележи каде се наоѓаат наноцевките и така да се откријат заболените клетки од рак (бидејќи можат да бидат изведени да се врзуваат за ваквите клетки, a се откриваат преку метод наречен „мултиспектрална оптоакустична томографија“). Ако се засили интензитетот на светлината тие почнуваат да се загреваат и така директно можат да ги уништат клетките на ракот. Од трета страна, во нивната шуплива внатрешност може да се смести лек кој би се ослободил со осветлување, па дополнително ќе влијае на лечењето.

Со ваквите карактеристики златните наноцевки можат да се искористат за многу локализирано лечење на ракот и неговите метастази без да предизвикуваат поголема штета во организмот. Досегашните методи за лечење вклучуваат примање на цитостатици кои ги уништуваат метастазите и не даваат ракот да се рашири, но имаат многу негативни ефекти врз телото, како опаѓање коса, имунитет, распаѓање на косите и слично. Истражувачите дополнително откриле дека глувците ги исфрлаат наноцевките од организмот без проблеми, што значи дека нема да предизвикуваат некакви отровни реакции внатре (златото и така не е отровно за телото поради неговата хемиска нереактивност).

Како што тргнале работите наскоро ќе имаме начин за лечење на рак без големи негативни последици и ќе бидеме чекор понапред во достигнувањето на функционална бесмртност.

Извор: Eureka Alert, Engadget

Претходна статијаДигитална зависност: Лекции од Нир Ејал
Следна статијаСоздадени телескопски леќи за помош на луѓе со оштетен вид