Јапонскиот произведувач на автомобили Тојота, на овогодинешниот CES – Consumer Electronic Show, објави дека почетокот на продажбата на автомобили со погон на горивни ќелии во Америка ја планираат веќе за следната 2015 година. Тие на саемот претставија две FCV (Fuell Cell Vehicle) концепт возила, син седан со 4 врати и прототип возило кое од Тојота го користеле како тест возило. Седанот претсатваува предвесник на сериски автомобил со горивни ќелии од новата генерација.
Возилата чиј што погон се базира на горивни ќелии, енергијата ја добиваат преку процес кој е обратен од електролизата. Имено, во горивните ќелии, од гориво богато со водород (природниот гас или метанолот) се издвојува водородот, кој во комбинација со кислородот произведува енергија и вода. Горивните ќелии на овој начин произведуваат електрична енергија која го напојува електричниот мотор на возилото.
Автомобилот ќе биде напојуван од досегашниот хибриден Synergy Drive кој веќе се користи во Тојота Приус, но со таа разлика што концептот на возилото со горивни ќелии ке комбинира водород и кислород за напојување на погонскиот механизам.
Од компанијата објаснуваат дека возилото на горивни ќелии започнале да го развиваат уште во 1992 година, во Јапонија, а првиот тест модел го имале веќе во 1996 година. Технолошкиот напредок како и намалувањето на цените направиле да ваквите автомобили може денеска да се понудат во големи количини. Сепак, тие сеуште не ја откриваат цената на автомобилот, меѓутоа, според некои неофицијални информации таа би се движела помеѓу 50 000 и 100 000 $.
Моторот кој Тојота FCV би го користел е во можност да произведе 140 коњски сили (100 киловати), овозможувајќи му на возилото забрзување од 0-100 км/ч за околу 10 секунди.
Според проценките, автомобилот би можел да помине 483 километри со еден резервоар, а за неговото повторно полнење би биле потребни само три минути. За таа цел од компанијата Тојота планираат да изградат 20 станици за водородно гориво до крајот на 2015, со што овој број би се зголемил на 40 до крајот на 2016. Повеќето од станиците ќе бидат распространети низ Јужна Калифорнија, но челниците на Тојота сериозно размислувааат за раширување на ваквата инфраструктурна мрежа. Иако плановите на компанијата за сега се ограничени на подрачјето на Калифорнија, нивните амбиции се глобални со надеж дека дистрибуцијата на ваквиот автомобил низ целиот свет би се случил релативно брзо.
Доколку ваквата визија на Тојота се оствари, таа би предизвикала енормни намалувања на емисии на штетни гасови во атмосферата.