Да се поседува електрично возило од Tesla Motors е сон засега неостварлив за повеќето луѓе. Да се поседува Model X… тоа е веќе научна фантастика.
Tesla Model X ќе биде нов знаменосец на оваа компанија и ќе биде промовиран на специјален настан на 29-ти септември. Model X беше често одложуван, но сега конечно ќе имаме можност да уживаме во неговиот (претпоставен) феноменален внатрешен и надворешен дизајн, функционалност и суштинско подобрување во однос на стандардните возила. Model X е crossover, на него ќе има LE диоди кои ќе светат по ден и ќе го „бањаат“ во светлина, а ќе има и специјални „Falcon“ врати.
Инаку, „Falcon“ вратите овозможуваат „пакување“ на вратите во помал простор и интересен систем на отворање, што овозможува многу поголем простор за влез во автомобилот отколку од стандарден автомобил. Тоа Маск го демонстрираше преку влегување и стоење внатре во колата исправен (со свиткана глава) и без клечење.
Бидејќи Model X е crossover/SUV тип на возило тој има можност за погон на 4 тркала. За разлика од стандардните возила кои пренесуваат момент од предни на задни тркала и обратно користејќи кардан, Tesla X има два засебни мотори напред и назад кои можат точно да контролираат колку потисна сила и момент даваат во секој момент, потенцијално правејќи ја супериорна технологија за 4-тркален погон.
Автономијата на Model X се очекува да биде во рангот на 370 – 420 километри, а цената ќе биде очекувано – висока. Сепак, за еден ваков суперлуксузен автомобил од нова технологија која се пробива на пазарот (и чиј производител дава бесплатно полнење) не може да се очекува помалку, ниту во квалитет, ниту во цена.