2-queensuniver

Научниците од време на време создаваат работи кои не биле замислени ни во научната фантастика, оставајќи не` сите малку подзинати. Веројатно веста дека тим од Универзитетот Квинс создал течност со „дупки“ т.е. порозна (сунѓереста) течност спаѓа во оваа категорија.

Под „дупки“ тука не се подразбира сомнителното одделување на водата од страна на Мојсеј, туку сепак се работи за микроскопски ефект. Имено, молекулите на новата течност имаат способност да задржуваат други молекули во себе како типичен сунѓер или филтер.

Знаеме дека обично течностите немаат ваква карактеристика, па останува прашањето како е постигнат овој ефект. Тимот го постигнал ова прво со создавање на кафезни структури направени од јаглерод, водород и кислород. Внатрешниот простор на кафезот е доволно голем за задржување на молекули од јаглероден диоксид, но доволно мал за да не можат молекулите на течноста (растворувачот) да навлезат во него.

Крајниот ефект е „течен сунѓер“ кој тече како нормална течност, но има способност да впива и задржува молекули во себе. Употребната вредност веднаш може да се види. Задржувањето на штетни гасови и честички во атмосферата е нешто со кое мачиме мака последниве неколку децении. Со помош на ваква течност може да се прскаат воздухот и улиците и потоа да се испере кога ќе падне на земја, носејќи со себе воздушно загадување и нечистотија.

Веројатно оваа технологија ќе може да се употреби и за создавање на подобри сапуни и шампони кои потемелно ќе не` чистат со помалку хемикалии, а со физичко отстранување на нечистотијата.

Извор: PopSci, Queen’s University – Belfast

Претходна статијаВебстриан – Нова платформа што ќе го креира вашиот веб-сајт за 1 минута
Следна статијаMSI претстави три гејмерски лаптопи со “Heroes of the Storm” тематика