Hawking-in-his-library-at-home

Стивен Хокинг иако веќе одамна ја има изгубено можноста за говор, поради неговата болест која што го има оставено скоро целосно парализиран, тој сепак успешно продолжува да комуницира со користење на компјутерски систем. Овој систем е изработен и одржуван од страна на Intel кои што соработуваат со професорот од 1997 година.

Сигурно се прашувате на кој начин тој ги избира зборовите кои што треба да ги каже од компјутерот. Зборовите кои што често ги користи, како и одговори на одредени прашања се зачувани за повторно да може да ги искористи без нивно пишување од почеток. Системот исто така е направен да го учи начинот на комуницирање со што дава предлози за одредени зборови.

Изборот на буквите, како и други работи со кои што има интеракција на компјутерот се прават преку инфрацрвен сензор кој што го детектира малото движење на неговиот образ. Движењето на образот претставува еден вид на клик на екранот. Буквите ги избира на тој начин што курсорот постојано се движи низ буквите, па кога тој ќе стигне до саканата буква, професорот мрднува со неговиот образ со што се регистрира кликот и се избира таа буква.

Овој начин на составување на зборовите се разбира е многу бавен. На почетокот овој начин на комуницирање овозможувал околу еден збор на минута, што и до денеска не е многу побрз. Од Intel сакале да му овозможат на Хокинг да користи целосно нов систем кој што ќе се базира на детектирање на движењето на очите, па дури и активноста на мозокот за одредени активности. Технологијата е доста напредната од времето кога неговиот систем бил направен. Меѓутоа тој не сакал да користи нов систем, што ги оставило Intel само со можноста да го подобрат постојниот.

Hawking-using-his-new-comms-system-1024x683

Еден од начините на кој што тие тоа го имаат направено е преку подобрување на системот за предложување на зборовите. Таков систем значително го забрзува пишувањето на зборовите поради тоа што корисникот на системот не мора да ги напише сите букви, односно зборот му е предложен и самиот испишан после внесување на само неколку букви од целиот збор.

За подобрување на овој систем искористен е системот од познатата Android апликација SwiftKey. Ова е апликација која што ја менува стандардната тастатура на системот со нивна, а популарноста ја доби токму од добриот систем за предвидување на зборовите врз основа на учење на стилот на пишување на корисникот.

Овој систем треба да го олесни комуницирањето на Хокинг и да ја зголеми брзината при пишување на речениците. Сепак на овој начин тој има успеано да напише цели книги, истражувања и слично, па подобрување на системот може да направи дополнителна разлика.

Од Intel најавуваат дека системот кој што го имаат развиено и унапредено ќе го направат достапен во open source форма за да можат сите луѓе со слични проблеми да го користат, но и да дадат можност сите заинтересирани да придонесат во неговото подобрување во иднина.

Извор: Intel, Engadget

Претходна статијаFirefox 34 достапен со Yahoo пребарувачот како стандарден за американските корисници
Следна статијаMicrosoft ги гаси старите Office Clip Art слики
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.