Роботите веќе превземаат и работат многу човечки активности, како хирургија, орање, пренесување луѓе и така натаму. Сепак, нешто што досега не можеа да го направат е да „допираат“ т.е. да имаат чувство за допир слично на човечкото.
Ние имаме многу осетливи нерви особено на краевите од прстите кои ни овозможуваат опипување на предметите кои ги користиме. Ова чувство, иако најчесто потсвесно, ни овозможува да ги постигнеме некои неверојатни достигнувања како што се хируршките операции.
За да можат во иднина и роботите да „чувствуваат“ кога ќе допираат мускул и да знаат дека не е коска, на пример, потребни се суперосетливи сензори. За жал, досега немаше такви кои беа евтини, а способни. За среќа, сега веќе има.
Научниците од Харвард успеаа да создадат минијатурен сензор за допир кој се произведува со нивна иновативна техника на „расклопување“ (pop up). Техниката вклучува печатење на тенки слоеви од нерѓосувачки челик кои се сместени во сендвич и ламинирани со свитлив слој од полимид. По обработување на слоевите со ултрасонични звуци, структурата од 2Д прераснува во 3Д која, пак, е флексибилен оптички сензор за допир.
Сензорот работи на следниот начин – кога ќе се допре флексибилната глава на некој предмет таа се деформира, а светлото и светлосниот сензор од другата страна доаѓаат поблиску еден до друг. Промената во сјајноста се толкува како силината на допирот.
Интересното е што овој сензор, иако изгледа дека е шашаво произведен, е суперосетлив до ниво на милињутони. Тоа е споредливо со осетливоста на човечкото тело, па можеби и подобро. Ова откритие ќе има примена во роботската хирургија, но сигурно и на други места каде финиот допир е од есенцијална важност, како брусење на дијаманти, цртање на цртежи, виртуелна симулирана „еротика“ и така натаму.