Во ред е да имате омилен глумец и да ги изгледате сите филмови со него, но се прашуваме дали правење на реплика од него/неа е претерување во оваа смисла. Тоа прашање би му го поставиле на Рики Ма, дизајнер од Хонг Конг кој самостојно дизајнираше и изгради робот кој е практично реплика на Скарлет Јохансон.
Роботот изгледа како човек (познатата глумица), но и слуша и одговара на прашања преку синтетизиран глас. Иако изгледа малку смотано засега, ова го покажува потенцијалот на роботиката во иднината, бидејќи ако само еден човек може да изгради вакво нешто за само година и половина, можеме да си замислиме што може или веќе гради посветен тим од десетици експерти.
Интересното е што дури 70% од роботот е 3Д испечатен како посебни телесни делчиња кои потоа биле споени од Рики. Тој уште од детството сакал да изгради робот и конечно неговата желба се остварила. Вели дека самиот научил да програмира за да ги оствари тие функции кај својот робот, и вели дека го изградил за да личи на актер од Холивуд кој нема да каже кој е. Мислам дека нема ни потреба да каже кој е бидејќи се гледа од авион.
Тој инаку потрошил 50 илјади долари за да го направи роботот, што сметам дека е малку претерано и не ми е јасно на што отишле толку пари. Рики Ма се надева дека неговиот прототип ќе може да го продаде на инвеститор и да почне да гради понапредни роботи.
Тоа сето е во ред и го охрабруваме овој дизајнер да продолжи со својата работа, но го замолуваме да се запраша на која друга позната личност би можел неговиот следен робот да личи.
Дополнителни информации: Sacbee, Strait Times, Mashable