Иако доста е пишувано и пренесувано за автономни возила и што тие би значеле за иднината, сепак, ние се` уште не можеме да ги видиме во вистински ситуации на вистински патишта. Проблемите се неколку. Од една страна, ваквите возила треба да бидат скоро совршени во своите способности да носат патници од едно до друго место, за да би се избегнале несреќи.
Од друга страна, се` уште не се развиени етичките норми кои ќе одредат дали едно автономно возило ќе има право да одлучи што да направи во даден критичен момент – на пример, во дадена ситуација дали да го зачува животот и благосостојбата на својот сопственик/патник или на пешак кој му се нашол на патот.
Сепак, многу од овие проблеми можат да се решат со активно испитување на ваквите возила. Токму тоа сака да го постигне јапонската компанија DeNA во соработка со ZMP. Тие би сакале во 2016 година да ги лансираат првите автономни таксија по улиците на Јапонија. За почеток, овие возила ќе остваруваат многу едноставни рути, носејќи ги патниците до супермаркет и назад, но се очекува нивните рути да се зголемат во сложеност, па да почнат да влегуваат во интензивен сообраќај.
Засега има доста голем фокус кон олеснување на животот на постарите лица, имајќи предвид дека Јапонија ги има едни од најстарите популации на светот (се очекува постарите од 65 години да сочинуваат дури 25% од целата полулација до 2020 г.!).
Целта на двете компании е да постигнат целосно автономна флота на такси возила до Олимписките игри кои ќе се одржуваат во 2020 година во Јапонија. Ова е добра и интензивна цел на која веруваме ќе работата ревносно бидејќи, сепак, се работи за јапонци.
Извор: Mashable, The Wall Street Journal, The Guardian