Насловот можеби малку е збунувачки бидејќи и така знаеме дека хартиените авиончиња кои ги правевме во основно се „беспилотни летала“ по дефиниција. Сепак, алудираме на најновиот тренд на т.н. „дронови“ – беспилотни летала кои не се само едрилици туку употребуваат мотори за да стигнат до одредена локација.
Најновиот концепт за беспилотно летало доаѓа од компанијата Parrot во соработка со PowerUp Toys и се работи за ништо помалку туку систем за претворање на хартиено авионче во дрон наречен PowerUp FPV. Едноставно, го виткате листот/картонот во форма на авион пазејќи да почитувате одредена форма, го прикачувате уредот на хартијата и го активирате.
Потоа управувате со движење на телото и особено главата преку уред низ кој гледате пренос од камерата. Ако ја дигнете главата нагоре ја зголемувате брзината на вртење на пропелерите, а со надоле ја намалувате. Ако ја навалите главата на некоја страна авиончето почнува да врти натаму. Додека лета тоа се самото ја одржува својата рамнотежа, па нема голема опасност од паѓање. Ако сепак ви падне и се оштети постои кит за брза и лесна мануелна поправка.
На самиот уред како што спомнавме има и камера, 550 мАч батерија, слот за SD картичка и безжичен модул. Авиончето може така да лета 10 минути што е кратко време, но доволно за демонстрација на прва генерација на ваквиот уред. Kickstarter кампањата не е се` уште активирана, но во текот на ноември ќе можете да си го нарачате вашиот PowerUp FPV за 199 долари. Засега можете да се информирате за напредокот на веб-страницата на производителот.
Извор: TechnoBuffalo, NY Daily News, Wired