Според интернационалната федерација за дијабетичари, во просек еден од 19 луѓе страда од дијабетис, односно повеќе од 330 милиони луѓе на глобално ниво. Причина повеќе за загриженост е проценката дека во следните 20 години оваа бројка би можела да се дуплира. Поради ова, неопходна е нова технологија која би помогнала да се ублажи секојдневната болка и страдање на милиони луѓе.
Неодамна, Google објави паметни контактни леќи дизајнирани со цел да им помогнат на дијабетичарите. ’’Паметните’’ контактни леќи по изглед се исти како и обичните, но со вградена технологија за следење на нивото на шеќер кај корисниците. За разлика од стандардните контроли на шеќер кај дијабетичарите, тука контролата на гликоза ќе се одвива преку солзите.
Направени се од минијатурен сензор и мал бежичен предавател, при што секоја секунда со сензорот би се мерело нивото на гликоза и преку предавателот би се пренесувале податоците. Интересно е тоа што во план е да се постават LED светилки на самата леќа кои ќе го предупредуваат корисникот ако дозволеното ниво на шеќер е надминато.
На сликата е прикажан проптотип од Google леќата каде што можеме да видиме дека сензорот, антената и чипот се поставени помеѓу двете обвивки на контактната леќа, создавајќи еден вид на електронски ’’сендвич’’. Многу мал отвор од страната на окото овозможува течноста од солзата да стигне до сензорот. Ова интегрирано коло е многу мало и неговата тежина е неосетлива при допир на прст, додека пак антената е потенка од влакно од косата.
Сите овие компоненти се поставени на тенок филм кој е направен од биокомпактабилен материјал. Емитирањето на добиените податоци од мерењата се одвива преку одредени радио фреквенции на надворешен уред. Овој надоврешен уред ќе биде потребно корисникот да го носи со себе бидејќи преку него исто така би се напојувал целиот систем поставен во леќите.
Во соработка со интернационалната фондација за дијабетис, со нивно одобрение и поголеми инвестиции од Google се очекува овој прототип да стане реален продукт кој би можел да се понуди на пазарот. За поголема корисност, следно е да се направи апликација преку која мерењата ќе бидат достапни за корисниците, но и за нивните доктори.