Повеќето луѓе кога читаат текст го „слушаат“ истиот внатре во себе. Овој „глас“ настанува поради фактот што далеку пред човештвото да го измисли писмото комуницирало преку зборување, па нашиот мозок е поприспособен за звучна директна комуникација него за текстуална. Внатрешниот глас досега немаше можност да се претстави во звучна форма и остануваше секој човек да си го знае и чува за себе, како и да звучи. Но изгледа на тие времиња им дојде крај со претставувањето на озвучувањето на истиот од страна на научниците од универзитетот Беркли од САД.
Имено, тие употребиле интересен начин за анализа на мозочните бранови на луѓето. Тие прво им наложиле да читаат некој текст на глас за кое време тие ги анализирале нивните мозочни бранови и врз основа на истите граделе алгоритам за препознавање на истите за секој човек посебно. Потоа побарале од луѓето да го прочитаат истиот текст во себе, а потоа побарале да не прават ништо. Преку споредување на мозочните бранови при двата типа на читање тие успеале да пронајдат кои мозочни бранови се одговорни за внатрешната вокализација, што го употребиле за да ги претворат истите во аудио запис кој може да се слушне.
Секако, ваквата техника не е совршена и останува да се доработи, но и вака е значителен чекор кон остварување на читач на мисли. Редовно ваквите пронајдоци се опишуваат генерално позитивно со предвид дека можат да помогнат на луѓе кои ја загубиле способноста да говорат. Но треба исто така да се помисли и на опасноста ваквите технологии да се употребат за читање на мислите и за уништување на најцврстиот бастион на приватноста – сопствениот ум – за што веруваме дека ќе бидат заинтересирани светските разузнавачки агенции (кој се сеќава на Орвеловата Полиција на мислите?). Затоа треба да се внимава како и каде ќе биде дозволено користењето на ваквите технологии за зачувување на приватноста и помагање на луѓето кои навистина имаат потешкотии со говорот. Воедно би било интересно и да се слушне што другите животни мислат општо за светот и за нас.
Извор: Engadget